1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Дали банкарите некогаш ќе се променат?

Европската унија сака во иднина драстично да ги намали бонусите за банкарите. Но, банките уште сега пронаоѓаат начини како да го избегнат ова правило кое одново ја разгоре дебатата за алчноста во модерното банкарство.

Алчен и егоистичен банкар кој не мисли на ништо друго освен на својот годишен бонус и кој заминува со милионска отпремнина откако банката ја довел до пропаст. Истата банка, која потоа даночните обврзници-граѓаните ја спасуваат со своите пари од кои се плаќа и отпремнината на бесрамните банкари. Од почетокот на финаниската криза, ова е сликата за банкарите која се врежа во колективната свест на западниот свет и тешко дека ќе се промени.

Награда за одржливоста

За тоа е свесна и една од најреномираните еконосмки образовни институции во светот, Харвард Бизнис Скул, која сега за своите студенти воведе етичка заклетва, со која идните кормилари на случувањата на Вол Стрит и лондонскиот Сити се обврзуваат да работат во корист на општеството. Но, тоа   е теорија. Во пракса, ниту по случаите во кои нсепособните и лакоми банкари примаа милионски бонуси и отпремнини и тоа во банките кои не би преживеале без парите од данокот на граѓаните, нема голема промена. Само што сега се работи малку попретпазливо. Европската унија неодамна донес одлука според која годишните бонуси на менаџерите и банкарите во иднина ќе бидат ограничени на висината на годишната плата. Но, дали е на овој начин можно од „злите“ банкари, кои мислат само на профит, да се направат „добри“ банкари, на кои на ум ќе им биде само доброто на клиентите, а со тоа и на општеството? Според минхенскиот економист Кристоф Литке, добриот банкар навистина не би смеел да размислува исклучиво за својот профит, туку да работи во корист на одржливоста на системот. Тој ги  одобрува и бонусите, но само ако банкарот работи во духот на долготрајна одржливост. Значи, да не се размислува според матрицата „земи ги парите и бегај“, како што беше чест случај последните години со меѓународните банкари.

Машината го презеде размислувањето

Еден од главните проблеми последните години во банкарскиот систем, како што во разговор за Дојче веле истакнува економистот Екехард Венгер, беше токму фактот што не се наградуваше долгорочното размислување, туку краткорочните успеси.

„Банкарите беа наградувани за потези кои во тој момент изгледаа како успеси, но кои набрзо се покажаа како целосни промашувања“, вели Венгер.

Постепеното исчезнување на интелигентното финансиско работење кое во визирот нема само брза корист, почна уште во 1980-те години. Тогаш, истакнува историчарот на економија Вернер Абелхаузер, се случи вистинска мала финансиска револуција:

Symbolbild für Banker Bank of England

Банкари во Лондон

„Научниците открија модели кои исклучуваа ризици. Значи, банкарот веќе не беше тој кој според здрав разум одлучува што е добро, а што лошо, туку алгоритмите и компјутерите“, вели Абелхаузер. Со тоа беше широко отворена вратата за влез на криминалната енергија во финансискиот сектор.

Мерки кои лесно можат да се заобиколат

Дека новите мерки кои ги најавува ЕУ лакомите банкари преку ноќ ќе ги претворат во светци, тешко е да се поверува. Зашто, алчноста секогаш ќе најде пат. Тоа не го мислат не само набљудувачите отстрана, туку и банкарите. Томас Миров, шеф на ХСХ Нордбанк на едне когрес неодамна изрази „разбирање“ за воведувањето горни граници на бонусите. Но, во тоа тој гледа политички причини, кои во пракса нема да дадат сакан резултат. Дека браншата со потсмев гледа на овие политички мерки, што служат за смирување на даночните обврзници, кои се чувствуваат измамени, го покажува и размислувањето гласно изнесено од Миров:

„Се сомневам во успехот на овие мерки. Она што ќе се случи сега заради заобиколување на овие мерки, е подигање на фиксните годишни плати за банкарите, со што автоматски ќе можат да се зголемат и бонусите. Или банките дноставно ќе основаат друштва на некој од Карипските острови и преку нив ќе ги плаќаат своите банкари“, изјави Миров.

И економистот Венгер е прилично трезвен во однос на „добрите“ банкари.

„Нема премногу смисол од банкарите да се бара да бидат подобри луѓе отколку што се, да речеме, политичарите“, заклучува Венгер.