1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Дали Ахмети му го „чисти патот“ на Груевски?

Лидерот на ДУИ Ахмети заедно со сопартијци ја започнаа десетдневната дипломатска турнеја во Брисел, Хаг и Париз. Дел од експертите оценуваат дека е невообичаено партиски лидер да води дипломатска кампања.

Оваа посета на лидерот на ДУИ Али Ахмети и неговите сопартијци вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими и шефот на партискиот кабинет Артан Груби се случува во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија од ЕУ на 16. октомври и спроти декемврискиот самит на Унијата. Како што претходно информираа од ДУИ, нивниот лидер „ќе продолжи со комбинираните домашни и меѓународни напори за да го поттикне интегративниот процес на Македонија во НАТО и ЕУ, при што во следните 10 дена ќе бидат посетени седиштето на ЕУ во Брисел, како и Париз и Хаг“. Покрај другите, предвидено е во Брисел Ахмети да се сретне со еврокомесарот за проширување на Штефан Филе и со политичките советници на претседателот на ЕУ Ван Ромпуј.

Ахмети само по еден месец тргнува по вторпат низ европските коридори со намера да придонесе кон решавањето на спорот меѓу Македонија и Грција.

„Дипломатски кампањи не водат партии и лидери, туку држави“

Како гледаат политичките експерти на оваа и досегашните посети?

Универзитетската професорка и политички аналитичар Билјана Ванковска истакнува: „Овие посети и разговори на Ахмети се парадипломатска активност, бидејќи дипломатска активност може да води само држава, а не партија, без оглед дали е таа дел од владејачка коалиција. Јас не ја исклучувам можноста да станува збор за некаков политички маневар, договорена игра меѓу Груевски и Ахмети околу тоа како да се лобира кај меѓународната заедница. Веројатно улогата на Ахмети е да порача дека ’е можна дестабилизација, ако Македонија не добие поволен исход’, ’оти Албанците не можат долго време да чекаат во оваа нерешена ситуација, бидувајќи заложници на Македонците’. Но, не верувам дека овој маневар може да даде некој резултат. ЕУ, европските партнери, знаат што е дипломатија и оти вистинскиот збор на државата доаѓа од премиерот, од шефот на државата, од министерот за надворешни работи, од вицепремиерот и од дипломатите ... Невообичаено е партиски лидер да води своја дипломатска кампања.“

Назми Малиќи, експерт за евроинтеграции од ФОН Универзитетот во Скопје, дополнува: „Ваквите посети на лидерот на ДУИ би имале смисла кога ќе постои кохезивна политика и добро координирана владина политика, затоа што сме сведоци дека посетите на Али Ахмети и тие негови дипломатски активности се демантираат од самиот негов коалиционен партнер, кој не му дава некоја важност. Ако е така, ова повеќе личи на една партиска политика на ДУИ, а не кординирана државна надворешна политика. Министерството за надворешни работи на Македонија не координираше ниту една од меѓународните средби на Ахмети, а во тоа не учествуваа ниту амбасадите во странските центри каде што тој престојуваше досега. Таквите посети ќе имаат смисла, ако се координираат со ВМРО ДПМНЕ и самиот премиер Никола Груевски.“

„ДУИ му го чисти теренот на Груевски“

Меѓутоа, еден ден пред заминувањето на претседателот на владејачката албанска партија во центрите на европското одлучување шефот на неговиот кабинет Груби на прес-конференцијата во Скопје тврдеше: „Ахмети е државник. Тој ги претставува интересите на државата, на Република Македонија и оттука никој не треба да има сомневања во искреноста на напорите на ДУИ и на Ахмети дека сево ова се прави за доброто на земјата и на сите нејзини граѓани. Партнерот во владината коалиција е секако информиран за посетите на Брисел, Париз и Хаг, како што беше информиран и за претходните вакви меѓународни посети.“

Професорот по политички науки од Државниот универзитет во Тетово Ризван Сулејмани има поинакво мислење: „Посетите на Ахмети, како лидер на политичка партија, нема да може да ги решат проблемите, но може да помогнат кон нивното надминување. Ахмети се наоѓа во улога да се деблокира процесот на преговори со Грција. Неговите посети се продуктивни. Исто така, тој и неговата партија веќе отворија дебата во Македонија околу тоа прашање, за да се види дали решенијата што се нудат во спорот со името навистина и колку завлегуваат во идентитетот, или не завлегуваат во него. Всушност, ДУИ му го чисти теренот на Груевски, отворајќи правци на решавање на проблемот со името.“

Останува да се види од денесka па во наредните денови што ќе произлезе од среќавањата на Али Ахмети со европските лидери. Во своите коментари за ДВ експертите заклучуваат дека, сепак, и од тие напори на Ахмети би можело да произлезат евентуални резултати во прилог на внатрешната политичка стабилизација на неговата земја, ако европските фактори обрнат повеќе внимание на укажувањата и на Албанците за потребата час поскоро да се отвори нејзиното европско поглавје.