1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Давање и земање - услов за мировните преговори

Со ослободување палестински затвореници Израел сака да придонесе за успех на мировните преговори. Многумина Израелци се гневни, а Палестинците се скептични поради изградба нови израелски станови на окупираните територии.

Околу 50 демонстранти гласно протестираа во Тел Авив против ослободувањето на палестинските затвореници.

„Слободата за терористите значи смрт за деца во Израел“, скандираа тие.

„Дали сте луди што ослободувате убијци?“, стои на друг транспарент. Во Израел многу жестоко се дискутира ослободувањето на 104 палестински затвореници од израелски затвори, сите осудени за терористички активности. Понекогаш мора да се донесат тешки одлуки во интерес на народот, вели премиерот Бенјамин Нетанјаху. Ослободувањето беше едно од барањата на палестинското раководство во Рамалах за да се седне на преговарачка маса со Израелците. Со ова првпат по три години е отворен патот за директни разговори меѓу Палестинците и Израел, кои почнуваат денеска (14.08) во Ерусалим.

Israel lässt vor Friedensgesprächen palästinensische Häftlinge frei

Голема радост по ослободувањето на првите 26 Палестинци-затвореници

Малку разбирање за амнестијата

Кај многу роднини на жртвите болката и тагата се сѐ уште преголеми за да се согласат со амнестијата. За нив цената за почетокот на преговорите со Палестинците е превисока и прашуваат, а што ако тие пропаднат? Од тоа стравува и Одед Кармани, чиј брат во 1990 година како тинејџер заедно со еден пријател бил киднапиран и убиен од Палестинците.

„Во ниедна друга земја убијците не ги ослободуваат. Но владата потпаѓа под притисокот на меѓународната заедница“, вели тој.

Надлежниот израелски министерски одбор во неделата ги потврди имињата на првите 26 палестински затвореници кои беа ослободени пред почетокот на новите блискоисточни мировни преговори. Некои од нив во затвор поминале повеќе од две децении. Роднините на жртвите имаа рок од 48 часа да вложат приговор, но израелските судии приговорите ги отфрлија.

„Без ослободување нема напредок“

Покрај протестите во Израел има и такви кои го оправдуваат ослободувањето на палестински затвореници, иако тие се малцинство. Во нив спаѓа и Роби Дамелин. Израелката израсната во Јужноафриканската Република може да ги разбере чувствата на роднините на израелските жртви. Таа самата го загубила синот Давид во 2002 година при напад. Палестински снајперист го убил 28-годишниот воен резервист.

„Можам да ја разберам лутината и стравот. Но, мораме да најдеме пат да излеземе од затворениот круг“.

Israel Palästinenser Siedlung Pisgat Zeev bei Jerusalem

Израел најави изградба нови станови на окупираните територии

Роби Дамелин денес е портпарол на „Перентс Сиркл“, организација во која роднините на израелски и палестински жртви прават напори за помирување и разбирање. Таа се залага за ослободување на палестинските долгогодишни затвореници: „Тоа е цената која мора да ја платиме. Тоа мора да го прифатат неккао и оние кои се против“, вели 68-годишната жена.

Скепса и надеж на страната на Палестинците

Но, за отстапката на израеслската влада и Палестинците мора да голтнат горчлива таблета: неколку часа пред објавувањето на ослободувањето, израелската влада најави изградба на над илјада нови станови во еврејските населби во Западниот Брег и анектираниот Источен Ерусалим. И онака скептичното палестинско население во ова гледа доказ дека израелската страна не е сериозно заинтересирана за преговорите.

Палестинците сега се радуваат на ослободувањето на нивните браќа. Во Ерусалим сестрите Муна и Амал Калаф го очекуваат братот Ахмад:

„Веќе 20 години го чекам“, вели Муна и гледа во фотографијата на денес 38-годишниот брат. Но, тие се разочарани. Тој не спаѓа во првите 26 кои синоќа се ослободени. Како 16-годишен Ахмад Калаф тешко повредил еврејски доселеник и потпалил куќа и автомобили. Израелски суд го осудил на 21 година затвор. Напролет идната година Ахмад и така би ја отслужил казната.

„За нашата мајка тоа е секако предоцна, таа умре пред два месеца“, вели Муна Калаф. Но, таа сепак да гледа нанапред.

„Мора да се почне нешто ново. Важно е ослободувањето на затворениците, за воопшто да се отвори шанса за помирување меѓу нас и Израелците“.