1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Г8 е минато - иднината е во Г20

Самитот на Г8 во италијанскиот град Л’Аквила донесе резултати во однос на настојувањата за заштита на климата, како и во борбата против се’ пораспространетиот глад во светот. Но, тој ќе остане запамтен уште по нешто.

default

Едно од проширувањата во Лаквила: Г8 и Г5 во пленум

Она што започна во 1975 како разговор крај камин во замокот Рамбује кај Париз, во италијанската Л’Аквила го доживеа својот крај. Времето го прегази клубот на седумте најразвиени индустриски земји на светот, кон кого од 1998 припаѓа и Русија. Со прилично задоцнување тоа го осознаа и шефовите на држави или на влади. На земјите од Г8, навистина, и натаму отпаѓаат 60 проценти од севкупните светски стопански постигнувања, но најдоцна во времево на глобална рецесија стана јасно, дека тие држави веќе ни оддалеку не се во состојба сами да влијаат врз случувањата во светската економија и политика.

Од осум до триесетидевет

На самитот во Л’Аквила, во различен состав, вкупно учествуваа 39 шефови на држави или на влади. Јасно е: без големите земји во подем - Кина, Бразил, Индија, Мексико и Јужноафриканската Република, светската економија не може по длабокиот пад толку бргу повторно да фати чекор, како и дека и најсиромашните земји на светот имаат глас, кој заслужува да биде слушнат.

G8 Gipfel in L`Aquila, Italien: Tafelrunde

За излез од кризата се потребни повеќе од осуммина

Сегашната светска рецесија, која потекна од индустриските земји, најтешки последици има во земјите во развој - уште 100 милиони луѓе им се приклучија на 900-ите милиони, кои уште пред кризата гладуваа и живееја во екстремна сиромаштија. Годишно 200 до 400 илјади деца во Третиот свет, според проценките на Светската банка, ќе умрат поради сиромаштијата предизвикана од кризата.

Ова не ги остави рамнодушни луѓето и владите во индустриските земји, па на самитот беше договорено тие да стават на располагање 15 милијарди долари, односно 10,7 милијарди евра, за да се зголеми производството на храна во најсиромашните земји, според мотото „помош за самопомош“. Наместо испорака на прехранбени производи, што најчесто е прикриена пренамена на вишокот од предимензионираното производство од индустриските држави, преориентацијата ќе биде кон пораст на производството на храна во самите најсиромашни земји.

Заедно против климатските промени

И борбата против промените на климата бара заеднички напори на богатите и на сиромашните земји.

Flash Galerie G8 Gipfel in Rom Protest Demonstration mit Maske

Како ќе го зготват светот? Протест на група активисти против се’моќта на Г8

Најголемите штети и тука се предизвикани од индустриските држави, кои мораат да се погрижат со пренасочувањето да не бидат пресечени развојните можности на сиромашните земји. Во Л’Аквила е постигнат значаен напредок спроти Конференцијата на ОН за климата во декември во Копенхаген - утврдена е целта, глобалното затоплување до средината на веков да се ограничи на максимум два степена, индустриските земји се самообврзаа во истиот период да ги намалат емисиите на издувни гасови за 80 проценти во однос на нивото од 1990 година, а земјите во подем да постигнат „значителни заштеди“.

Кризата како фактор на зближување

Заеднички напори се потребни и за надминување на светската рецесија. И тука е јасно: кризата потекна од индустриските држави, но во страдање беа вовлечени сите земји во светот. Индустриските земји не можат сами да ја совладаат кризата - потребни се и финансиската сила и пазарите на големите земји во подем. Земјите од Г8 ја осознаа својата релативна немоќ. Тие нема поради тоа да го распуштат својот клуб, но важните решенија во иднина ќе бидат донесувани во кругот на Г20. Како последица на кризата, светот се зближи. Г8 беше вчера, иднината е во Г20.

Автор: Карл Завацки / Зоран Јордановски

Редактор: Горан Чутаноски