1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Г8: Ексклузивен клуб со идентитетски проблеми

Во американскиот Кемп Дејвид лидерите на државите или владите од членките на Г8 разговараат за меѓународни кризни прашања. Еврокризата го засенува состанокот.

На средбата на Г8 за првпат на меѓународна сцена ќе се појавува новоизбраниот француски претседател Франсоа Оланд.

„Оланд во Кемп Дејвид ќе биде под значаен притисок, исто како и при првата посета на Германија, да не презема ништо што би можело да го растури договорениот европски фискален пакт“, оценува д-р Стјуард Патрик, експерт за меѓународна политика во Советот за надворешни работи во Вашингтон. Учесниците на самитот ќе побараат соодветни објаснувања за барањето на социјалистот Оланд за развојни компоненти во договорот.

Листата на теми е долга за самитот кој ќе трае не повеќе од 24 часа. Широката палета ги офпаќа темите: од одбезбедување храна за Африка, преку нуклеарниот спор со Иран, планот за повлекување од Авганистан, дополнителни санкции за Сирија и Северна Кореја, до заштита на климата. Американскиот претседател Барак Обама ги повика лидерите од Велика Британија, Канада, Франција, Русија, Германија, Италија и Јапонија да се состанат денес навечер (18.05.) на претседателскиот имот во Кемп Дејвид.

Русија како петто тркало на возило?

Рускиот претседател Владимир Путин нема да присуствува на средбата – Путин го испраќа премиерот Димитри Медведев, со кого ја замени функцијата. Несреќна ситуација, бидејќи Русите во Г8 клубот од страна на експертите се гледаат како петто тркало на возило.

„Без Русија Г8, или всушност Г7, претставува заедница на истомисленици од напредни демократии, кои веруваат во човекови права и имаат исти гледишта за глобалната економска ситуација“, вели политикологот Патрик, кој во периодот од 2002-ра до 2005-та работеше како советник во американскиот Стејт департмент. Русија под водството на Путин се движи во авторитарна насока и не е доверлив партнер во политички чувствителните прашања, како на пример Иран или Сирија. Поради тоа овде не се очекува напредок.

Затоа се поставува прашањето за смисолот на состанокот на Г8. Осумте земји претставуваат 15 проценти од светската популација и две третини од меѓународните економски перформанси. Се работи за лабава комбинација на земји, без цврста организација, финансирање или управување. Таа е формирана во 70-те години, поради нафтената криза, како форум за координација на економски и трговски прашања, но сега политичките и економските прашања се на агендата.

Проширена листа на гости

Брус Џоунс, експерт за меѓународна политика од институтот Брукингс, може да го замисли идното проширување на Г8, во зависност од темите на агендата.

„На некој начин Г8 беше спасен од Арапската пролет, бидејќи таму има процес во кој западните земји треба да ја координираат својата финансиска и политичка помош“, вели Џоунс.

Претседателот Обама веќе покани гости во Кемп Дејвид. Лидерите од Бенин, Етиопија, Гана и Танзанија треба да присуствуваат на дискусијата за обезбедувањето храна за Африка.