1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Г20 станува се’ помоќна

Групата на дваесетте најважни индустриски и земји во економски подем беше формирана пред точно десет години. Иронијата е во тоа што преку потфрлањето во нејзиното работење, таа си обезбеди уште поголемо влијание.

default

Основачката седница се одржа на 15 и 16 декември 1999 година во Берлин. Целта на новата институција беше да ја зајакне меѓународната финансиска структура, ослабена по азиската криза во 1997 година. Се` започна како еден вид чин на добра волја од страна на развиените индустриски земји кон најважните земји во подем. Во иднина, ете, и тие ќе можат да кажат по нешто во однос на најважните прашања во меѓународната економска и финансиска политика. Ваквиот предлог дојде на светскиот економски самит во јуни 1999 година во Келн. Во иднина министрите за финансии и гувернерите на државните банки на најважните индустриски и земји во развој планираа редовни неформални средби. Неколку месеци подоцна, во декември, во Берлин се одржа првиот самит на Г20.

Голем клуб со релативно мало влијание

Дирк Меснер, директор на Германскиот институт за развојна политика вели: „Да, барем пред десет години тоа беше првата задача, индустриските и земјите во развој да седнат на иста маса. Дотогаш светското стопанство во најголема мера беше регулирано од Групата 8 најразвиени индустриски земји. На почетокот Г20 беше лошо организиран, како голем клуб, но со релативно мало влијание. Преку Г20 земјите во развој направија обид меѓународната сцена да ја почувствува нивната економска и политичка тежина, а тоа навистина им појде од рака.“

Großbritannien Finanzmärkte G20 Angela Merkel und Peer Steinbrück

Самитите на Г20 минатата година беа одговор на финансиската криза

Групата 20 најразвиени индустриски и земји во подем претставува деведесет проценти од светскиот национален производ, осумдесет проценти од светската трговија, како и две третини од светското население - се` на се`, изобилие од моќ. „Првата јака страна лежи во тоа што Г20 ги рефлектира неверојатните промени во светската економија во последнава декада. Пред 15, 16, 17 години, кога паѓаше социјализмот, Кина беше мал економски играч, не многу поважен од Белгија, на пример. Меѓутоа денес уделот на Кина во светската трговија, во инвестициите што доаѓаат од Кина и се влеваат во таа земја е неверојатно зголемен. Индија малку подоцна почна со овој процес, но и таа денес е доста важна. А во Г20 се рефлектираат ваквите промени на моќта, тоа е многу важно.“

Финансиската криза промени се`

Поголемиот дел од историјата на Г20 не бележи некакви спектакуларни настани. Неформалните средби на министерско ниво беа насочени на општи меѓународни економски прашања и ретко беа регистрирани од јавноста.

Така беше се` до минатата година, кратко пред деветгодишнината од основањето на Г20, кога стигна веста за пропаѓањето на американската инвестициона банка „Леман брадрс“. Меѓународната финансиска и економска криза, чии размери уште долго ќе го остават светот без здив, ја достигна својата привремена кулминација. „Преку финансиската криза Г20 доби сосема друга вредност, имено Г8 практично се распушти, а неговата функција на одлучувачко тело за светската економија ја презеде Г20. Ова е навистина историски чекор, дури би можело да се рече меѓународна револуција, бидејќи до пред само една година главниот збор го имаа осумте најразвиени индустриски држави.“

На агендата има нови задачи

Wirtschaft in China Blick auf Peking

Денес сите зборуваат за економското чудо - Кина

Парадоксално е тоа што, на извесен начин, преку потфрлањето во својата работа, Г20 енормно доби на значење. До финансиската криза немаше да дојде, ако оваа група го исполнеше она што и` беше најголема задача, имено да воспостави стабилен систем на регулирање на меѓународните финансиски пазари.

Сега сето тоа мора да се поправи, но тоа не е се`, бидејќи сега доаѓаат и многу нови задачи. Така барем смета директорот на Германскиот институт за развојна политика, Дирк Меснер. „Сите прашања од меѓународната политика сега се наоѓаат на агендата на Г20: климатски прашања, сиромаштија, миграција - целиот спектар на меѓународна политика.“

Десет години по нејзиното основање, Групата 20 најразвиени индустриски и земји во подем стана уште помоќна од она што некогаш беше Групата 8. Сега најголемите земји во развој станаа дел од моќниот конгломерат наречен Г20. А кај оние земји, кои не се во оваа група, ова може многу лесно да го донесе чувството дека немаат апсолутно никакво влијание. И сигурно не се работи за случајност - откако постои Г20, постои и поимот Г172. Тоа се сите оние земји кои не се дел од Г20, односно остатокот од светот.

Автор: Клаус Улрих / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска