1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Гутенберг: Нападите биле соодветни

Германскиот сојузен обвинител одлучи да го разгледа случајот со воздушните напади во Авганистан. Претставници на НАТО го критикуваа нападот, додека германската армија застана во негова одбрана.

default

Министерот за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг

Случајот на полковникот на Бундесверот, Георг Клајн ќе биде разгледуван од државниот суд во источна Германија. Но, во меѓувреме обвинителството во Дрезден му го проследи случајот на највисокото државно обвинителство за да се утврди дали има прекршувања на меѓународното право. Досега, официјален Берлин не го признаваше конфликтот во Авганистан како „војна“, иако новиот министер за одбрана Карл-Теодор цу Гутенберг во еден од последните јавни настапи го нарече токму така. Пред обвинителството воопшто да одлучи дали Клајн сторил злосторство наредувајќи го нападот, најпрво треба да се дефинира дали во Авганистан постои „воен конфликт“.

Во соопштение, сојузното обвинителство објави дека е јасно оти во правна смисла постои воен конфликт и дека воздушните напади биле дел од таков конфликт. Тоа би значело оти ако воената операција била во согласност со меѓународното право и со мандатот на ОН истата би била и легитимна.

Германија и НАТО спротивставени за нападот

Georg Klein / Afghanistan / Bundeswehr

Георг Клајн

Клајн ги наредил нападите откако талибанците киднапирале два камиони полни со гориво во близина на германска база во регионот Кудус во северен Авганистан. Бројот на жртвите се’ уште не е прецизно утврден, а проценките се движат од 17 до 142 жртви, меѓу нив и милитанти и цивили. Клајн тврди дека ги наредил нападите оти сметал дека е неопходно да ги заштити војниците во базата од потенцијален самоубиствен напад од страна на талибанците. Германската армија ја прифати одлуката на Клајн, сметајќи ја за оправдана грижа за војниците.

На прес-конференција одржана во петокот, министерот за одбрана Гутенберг изјави оти чувствува оти „нападите биле соодветни“. „Јас дојдов до заклучок дека не се сомневам во проценката на генералниот инспектор, имено дека воените напади и воздушниот напад од воен аспект биле соодветни“.

Гутенберг сепак призна дека во нападот настрадале и цивили и изрази жалење поради трагедијата. „Иако нема прецизни податоци, јас сметам дека сепак имало и цивилни жртви. Важно е во иднина да се стори се’ за да се избегнуваат цивилните жртви“.

Од друга страна, во извештај на НАТО објавен минатата недела, се критикуваше германскиот командант поради наредбата за нападот. Клајн можел да издаде таква наредба само доколку неговите трупи биле директно загрозени, а таква опасност во конкретниот случај не постоела, се вели во извештајот на Алијансата објавен во Брисел.

Автор: Марсел Фирстенау / Борис Георгиевски / дв

Редактор: Александра Трајковска