1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Гугл ќе стане семоќен!

Интернет-гигантот Гугл годинава не е меѓу изложувачите на ИФА во Берлин. Сепак индиректно е присутен во повеќе хали. Саемот со присуство и говор го почести и шефот на Гугл, Ерик Шмит.

default

Ерик Шмит му се радува на престојот во Берлин, меѓу другото и затоа што говорот на ИФА, саемот за електроника и апарати за домаќинството, му даде нова можност да покаже што се’ може неговото претпријатие веќе денес: „Ја посетив катедралата во Берлин и при тоа на мобилниот телефон ги најдов сите можни информации за неа од годината кога почнала да се гради, па се’ до бројот на скали што водат до врвот на звоникот. Како турист добив информација како да стигнам до катедралата, кои се најважните занимливости при обиколката и сето тоа на лице место, додека бев во неа.“

Големи планови

Одушевувањето со кое Ерик Шмит раскажува покажува многу јасно дека тој не ги разбира критичарите на неговата амбиција Гугл да биде во состојба да собере и да поврзе преку интернет што е можно поголем број информации.

Eric Schmidt

Претседателот на Управниот одбор на концернот Гугл и советник на Барак Обама: Ерик Шмит

Во Берлин тој пренесе контури и од плановите за иднината на Гугл, кој треба да прерасне во се’опфатен посредувач на информации за се’ што може да го интересира корисникот - и тоа приспособено на неговите желби и интереси. „Кога ќе одам низ Берлин сакам мојот смартфон сам од себе да ми посочува занимливости, бидејќи знае што ме интересира. Сакам самиот да ми раскаже, на пример, дека на некое место во градот се случило тоа и тоа...“

Смартфон - сезнајко

Секако се поставува прашањето: од каде ќе знае мобилниот телефон што го интересира неговиот корисник? Одговорот е кус и јасен: затоа што тоа Гугл го знае! Овој интернет гигант, кој почна како машина за пребарување по светската компјутерска мрежа, во меѓувреме го лансираше на пазарот софтверот за мобилни телефони наречен „андроид“, за кој се заинтересирани дури 60 светски произведувачи на мобилни телефони. За „андроид“ се вели дека наскоро ќе го надмине актуелниот лидер на пазарот на овој план, американската компанија „Епл“. Според Ерик Шмит секој ден има по 200.000 нови корисници на софтверот „андроид“.

Vorstellung des neuen iPhone 4

iPhone 4: ќе успее ли Гугл да ја загрози доминацијата на Епл?

„Можеме да ви помогнеме околу изборот на тоа, на што треба да го фокусирате вниманието. Соочени сме со експлозија на актуелни информации и дилеми што се случува, што треба да правиме, што да мислиме во одреден момент. Ние можеме да ви помогнеме во изборот на она што е за вас најрелевантно.“

Профитабилна визија

Визијата на Ерик Шмит очигледно содржи „нов убав свет“, во кој неговата фирма Гугл ќе биде и многу повеќе за корисниците, отколку грижлив „голем брат“. Шмит повикува: препуштете им ја работата на мобилните компјутери за да имате повеќе време за други нешта:

Google Gründer Larry Page, links, und Sergey Brin

Основачите на Гугл, Лари Пејџ и Сергеј Брин, снимени во 2004 година

„Сакаме да ви го подариме повторно времето кое ви недостасува и да ви го олесниме животот. Треба да можете да добиете брзи одговори на прашањата што ве преокупираат и со тоа да станете попродуктивни. Мислам дека е важно во нашите култури да имаме време и за она што радо го правиме, а не само за она што ни е обврска.“

Секако дека Гугл ќе биде во состојба да им го предложи на корисниците и што да прават во слободното време. На тој начин Гугл ќе може да ги насочува и конзумот, како и слободните активности на корисниците, што за фирмата ќе значи уште поголем профит од реклами.

Автор: Сабине Кинкарц/ Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска

Поврзана содржина