1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Гугл влегува во домовите

Интернет концернот Гугл не се колеба кога треба да освои нови пазари - по мобилната телефонија и автомобилот со автопилот, Гугл ја купи компанијата Нест Лабс која произведува термостати и противпожарни сензори.

Соопштението на Гугл имаше само 12 реда во кои се кријат милијарди долари, трендови на иднината и нова опасност за приватноста на муштериите. Интернет гигантот ја купи компанијата Нест Лабс за 3,2 милијарди долари. Фирмата работи на развој на вмрежувањето на апаратите за домаќинство, а позната е и по своите противпожарни сензори и термостати. Толкави пари за два обични производа? „И двата производи се нешто посебно. Тие, имено, имаат извонреден дизајн и потсетуваат на производите на Епл, бидејќи дел од развојниот тим на Нест потекнува од конкурентскиот Епл“, вели Свен Хансен, уредник во германскиот компјутерски магазин „ц'т“. „Двата апарата можат да се поврзат со интернет. Инаку, Гугл веројатно не би ги купил“, вели Хансен за ДВ.

Пазар на иднината

Гугл уште претходно, преку својата компанија ќерка Гугл Венчрс, инвестираше околу 150 милиони долари во претпријатието Нест Лабс. Сега претстоеше нов круг на финансирање на таа млада компанија и Гугл се одлучи да одигра сигурно, со цел перспективната Нест Лабс да не ја преземе некој трет. Притоа 3,2 милијарди долари не се некоја сума за концернот кој наталожи 57 милијарди долари во готово или во краткорочни побарувања и хартии од вредност.

Се чини дека стратегијата е јасна. Гугл има намера да влезе на пазарот на вмрежено домаќинство во кое со сите можни апарати се управува преку една платформа. Такви платформи можеа да се видат на големиот саем за електроника во Лас Вегас. Самсунг таквата платформа ја нарекува „Смартхом“, американската компанија Белкин пак, својата технологија ја нарекува ВеМо. Кај Гугл управувањето се разбира ќе се одвива преку мобилниот оперативен систем Андроид.

Експертите претпоставуваат дека вмрежувањето на домаќинството би можело да стане пазар на иднината. „Зачетоците на вмрежувањето ги видовме на саемот ИФА во Берлин“, вели Хансен за ДВ. Но ползата од него беше ограничена. Каква полза има корисникот од тоа што машината за перење алишта на мобилниот телефон му јавува дека облеката е испрана? Затоа е мудро со вмрежување да се започне таму каде корисникот веднаш може да заштеди пари. „Токму тоа подрачје - енергијата во станот и нејзиното штедење- тоа е кај нас посебно занимливо“, вели Хансен. Се разбира би било добро кога човек би можел да ја прилагоди потрошувачката на енергија на ценовникот и преку смартфонот да ги вклучува уредите за греење тогаш кога струјата е поевтина.

Конкуренција за Нест од Минхен

Токму во оваа област веќе дејствува Тадо, младо претпријатие од Минхен. Тоа нуди апликација за смартфон која управува со греењето. Тоа би требало да донесе заштеда од 300 евра кај трошоците за греење. Основачот и директор на оваа компанија Кристијан Дајлман со поделени чувства ја прими веста за преземањето на Нест од страна на Гугл: „Бев позитивно изненаден кога видов дека дејствуваме на важен пазар на иднината“, вели Дајлман за ДВ, додавајќи дека ни тој веројатно не би ја одбил понудата на Гугл од 3,2 милијарди долари.

Меѓутоа, во оној момент кога преку интернет ќе го контролирате термостатот или машината за перење, Гугл ви влегол во домот. Тогаш точно ќе знае кога корисниците го загреваат домот, колку пати неделно перат алишта и кои програми ги користат машините за перење. Тие податоци задираат длабоко во приватноста и имаат огромна маркетиншка вредност. Директорот на Тадо, Дајлман, гледа опуштено на тоа. „Комуникацијата меѓу грејните апарати и смартфонот се одвива кодирано, како на пример на банките преку интернет. Ако некој со супер-компјутер работи со недели или месеци да ги дешифрира тие податоци, тогаш веројатно повеќе му се исплаќа тоа да го стори во системот на Дојче банк“, вели Дајлман.

Минхенската фирма Тадо на пазарот се појави пред Нест Лабс. Но Нест во САД многу побрзо расте отколку Тадо во Германија, Австрија и Швајцарија. Американците се поотворени кон техниката и тие секогаш скаат да го имаат најмодерното, смета Дајлман. „Ние есеноска излеговме на пазарот во Англија и таму набљудуваме ист раст како и во САД. Во овие неколку месеци колку што сме на англискиот пазар, го престигнавме германскиот пазар, иако во Германија дејствуваме веќе година и половина“.