1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грчко-македонски тет-а-тет средби

Денес, во Преспа треба да се одржи нова средба меѓу премиерите Груевски и Папандреу. Колку пати досега директно се сретнаа високите дипломати од двете земји на разговори околу спорот со името и што донесоа тие?

default

Никола Груевски и Јоргос Папандреу

Од меѓународната заедница доаѓа многу стимулација за претстојната директна средба меѓу премиерите Никола Груевски и Јоргос Папандреу, но реално има малку надеж, дека дијалогот во Преспа ќе придонесе за побрзо решавање на спорот околу името.

Она што може да се очекува е дека средбата може да придонесе за деблокирање на одделни процеси. Од разговорите на двајцата премиери може уште да се очекува позитивна добрососедска политика и атмосфера, дека опсегот на разликите ќе се стесни за да се спречи директното вето од Атина за старт на преговорите на ЕУ со Македонија.

„Не очекувам ни промени, ни позитивен исход од оваа средба. Ова е средба која треба на ЕУ да и го врати малку од малку интегритетот“, вели Мирка Велиновска новинар и хроничар на 18-годишниот грчко-македонски спор. Таа потсетува дека досегашните средби меѓу Атина и Скопје биле ретки и многу протоколарни.

Грчко-македонски директни средби

Mazedonische Aussenminister Milososki und seine griechische Kollegin Dora Bakojani

Антонио Милошоски и Дора Бакојани

Челникот на Нова демократија Константин Мицотакис го игнорираше македонскиот врв. Костас Караманлис само протоколарно испи кафе со поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски. Шефот на грчката дипломатијата Дора Бакојани, потоа како претседавач на ОБСЕ, иако најави одбегна да дојде во Скопје. Во Скопје биле шефовите на дипломатиите Таодорос Пангалос и Јоргос Папандреу во време на владеењето на грчките социјалисти. Се чини дека повеќе грчко-македонски контакти се реализирани со владата на Пасок, одошто со конзервативните сили во Грција.

Пред девет години во Скопје на самитот на лидерите од Југоисточна Европа, тогашниот грчки премиер Костас Симитис се сретна насамо со Љубчо Георгиевски. Македонско-грчките односи потоа доживеаја подем со инвестицискиот бум и купувањето на скопската рафинерија и цементарница, влезот на капиталот од Грција во Стопанска банка и купувањето на мермерниот комбинат во Прилеп. Но, екс-премиерот Љубчо Георгиевски никогаш досега не потврди

Mazedonischer Präsident Branko Crvenkovski

Бранко Црвенковски

дека добил ливче со ново име Северна Република Македонија директно од раката на Костас Симитис, име што и сега е во оптек. „2000-та година излезе на површина предлог Северна Македонија, кој наводно го дал грчкиот премиер Симитис, а со кои се согласил и Љубчо Георгиевски тогашниот премиер, но и лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски“, вели за Дојче веле Мирка Велиновска.

Грција сака да се врати на пиедесталот

Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија Слободан Чашуле оценува дека актуелниот премиер Јоргос Папандреу не случајно се фокусира на грчката лидерска позиција на Балканот: „И на Папандреу, барем од она што сме разговарале со него, на Џорџ му е сосема јасно дека Грција за да се врати во својот да речеме пиедестал во однос на другите јужнобалкански држави, како членка на ЕУ, и тоа една од постарите, мора да престане да биде дел од проблемите и мора да стане промотор на решенија.“

Слободан Чашуле и Александар Димитров, како шефови на македонската дипломатија во владите на ВМРО со Демократска алтернатива, имале средба со актуелниот грчки премиер Јоргос Папандреу. „Барем нашата позиција кога бевме министри беше дека ние мора да го решиме проблемот околу името. Тоа треба да се бара во рамките на практиката во Обединетите нации, но во исто време прашањето на разликата со името и потребата да се постигне компромис, со што сме се обврзале, не е единственото прашање во билатералните односи“, изјави Димитров.

Der ehemaligen Grieschischen Aussenminister Theodoros Pangalos

Теодорос Пангалос

Статусот на македонското малцинство и враќањето на имотот на Егејците, се прашања што ги отворил Александар Димитров во разговорите со Теодорос Пангалос во Скопје, кој сега е вице премиер во новата грчка влада. Пангалос потоа на пресконференцијата во Скопје, пред осум години претставниците на Виножито ги нарече со погрдни зборови како група хомосексуалци. Македонско-грчките преговори сега се во нова деликатна фаза и тоа го знаат премиерите Груевски и Папандреу, кои по нивниот бриселски прв дијалог, во своите јавни изјави одбегнуваа речник на конфронтации.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM