1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкото стопанство крвари

Милона Маринати/Ж.А. 18 февруари 2016

Се зголемува бројот на средноголеми грчки фирми кои својот бизнис го преместуваат во соседните земји. На таков начин од грчката држава се одлеваат значајни даночни приходи.

https://p.dw.com/p/1HxIB
Фотографија: DW/M. Milona

Во малото бугарско гратче Петрич постојат стотици грчки мали и средни по големина фирми, кои минатите десет години и‘ го свртеле грбот на Грција и седишттео го преместиле во Бугарија. Петрич, 120 километри оддалечен од Солун, е само еден пример.

Тука го среќавам сопственикот на фабрика за чевли Костас Аманатидис, кој досега не зажалил за својата одлука да го пресели бизнисот во Бугарија. Неговото образложение: „Овде се‘ е поинаку во споредба со Грција“. Тој едноставно не знае од каде да почне со набројувањето на причините: „Како функционира овде државата? На каков начин работат даночните служби? Или како се спроведуваат законите? Човек едноставно го плаќа својот данок и нема никакви проблеми. Никој веќе не доаѓа да побара повеќе отколку што налага обврската. Пред 20 години можеше да се регистрира ново седиште на фирма во рок од 10 дена и да се добие бугарски даночен број. Притоа, мора да потсетиме, во Бугарија тогаш уште имаше царина, зашто не беше членка на ЕУ“, објаснува фабрикантот.

Bulgarien Schuhfabrikant Kostas Amanatidis
Костас Аманатидис заминал со фирмата од Грција во БугаријаФотографија: DW/M. Milona

Грчките бизнисмени се едногласни

Производителот на чевли Аманатидис има високо мислење за бугарската држава и нејзиниот бирократски апарат. А неговото мислење не е осамено. Слично е убедувањето и на Мариа Пападопулу, која однеодамна во Петрич отворила мала текстилна работилница. Кога нарачките во Грција се намалиле, зашто германските нарачувачи порадо сакале да произведуваат во Кина, таа била принудена со тешко срце да замине од татковината, иако работното секојдневие во Бугарија е потешко. Како натамошна причина за заминувањето, таа ја наведува даночната политика во Грција: „Од се‘срце би се вратила повторно во Грција. Но, при тамошната ценовна и даночна политика, тоа е неможно.“ Таа ги напуштила своите висококвалитетни производни погони во Грција и во Бугарија се сместила во простории со едноставни картонски ѕидови. „Во Грција располагав со квалификувани работници, овде дури морав да инвестирам во обука на соработници.“

И грчките даночни советници се селат

И на даночниот експерт Димитрас Михелакис многу добро му е позната дилемата во која се наоѓаат грчките претпријатија. Затоа, и тој самиот одлучил да замине во Бугарија, за да им помогне директно на терен на грчките бизнисмени. Тој е убеден оти хаотичниот грчки даночен систем е причината која бројни грчки фирми ги принудува на бегство. Тој ги наведува следните примери: „10 проценти данок на приход во Бугарија е многу помалку од 35 проценти кај нас.“ Освен тоа, постојано се случуваат нови промени во грчкиот даночен систем. „Се утврдува една даночна стапка, а ако тоа не е доволно, едноставно стапката се покачува повторно.“ На пример, во 2015 година, среде лето, токму кога ја имал подготвено даночната пријава: „одеднаш данокот скокна, дојдоа нови побарувања. Една даночна стапка, која изнесуваше 27,5 проценти, порасна одеднаш на 55 насто.“

„Што се планира со оваа земја?“

Оној кој се‘уште останал во Грција и покрај тешката финансиска ситуација, сегашните контроли на протокот на капитал го принудуваат на отворање банкарска сметка во соседството. Христос Димитриадис, успешен производител на долна облека, се сомнева во постоење таен план на ЕУ. Тој не е единствен со вакви претпоставки. Речиси сите грчки претпријатија веруваат дека економските движења во Грција не се случајни, како што објаснува модниот дизајнер. „Во светот постојат примери, постојат земји кои се преструктурирани во евтина работна сила, други држави пак денес се чисто инвестициски оази.“ А Грција? „Дали е намерата од неа да се направи туристички рај или складиште за бегалци? Во ред! Тогаш тоа треба да ни се каже нам, да знаеме на што сме. Овде моментно веќе нема ништо поради што би се исплатувало да се остане.“#b

Политички промашувања

Кризата на традиционалните занаетчиски фирми во Грција не е предизвикана само од погрешната даночна политика, смета Панделис Филипидис. Според него, целото зло лежи во погрешната инвестициска политика на поранешните грчки влади. Владата од почеток погрешно ја третираше должничката криза и со тоа финансиски ги остави претприемачите на цедило, вели тој: „Ликвидноста на фирмите беше едноставно спречена. На почетокот на кризата владата имаше само едно нешто на памет: спас на банките.“

Така, заминувањето на грчките претпријатија незадржливо продолжува кон Бугарија, Србија, Албанија и Турција. Грчкиот финансиски експерт Јанис Сопасис ѕвони за тревога и од политичката елита во земјата бара преомислување на потезите. На неодамнешниот настап на телевизија тој истакна: „Бугарскиот премиер во својот говор во Солун пред неколку дена не без причина изјави: ’И‘ благодариме на Грција што кај нас овозможи нови 100.000 работни места.’ Мислам дека ова треба сериозно да ги размрда сите овде.“

Владата планира реформи

На ваквите изјави Вуола Тектониду, генерален секретар за економски односи и развој во грчкото Министерство за економија, се чувствува прозвана, но истовремено предупредува на внимателност, за да не се падне како жртва на грешките од старите системи: „Сакаме овде повторно да имаме вистински претпријатија. Не такви кои сакаат набрзина да направат пари и потоа не се грижат за ништо. Не сакам веќе да гледам болни фирми, но санирани претприемачи!“