1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Грчки пронајдок - сим - картичка за муслимани

Специјална сим-картичка за мобилен телефон треба на верниците-муслимани да им го олесни практикувањето на верата во секојдневието. Со оваа идеја грчки инженер сака да ги освои пазарите во Африка и Азија.

Земјите со најголемиот број муслиманско население се наоѓаат во Африка и во Азија. На овие континенти пазарот за мобилни телефони се развива особено брзо. Според актуелниот извештај на Меѓународната унија за телекомуникации повеќе од половината од договорите за мобилни телефони во светот се склучени во Азија. Но, мнозинството мобилни телефони кои се користат во Африка и во Азија не се модерни смартфони, туку евтини модели од постарата генерација.

„Исламската сим - картичка“ која ја пронајде грчкиот електроинженер Јанис Хацопулос од Солун треба да им помогне на верниците муслимани да ги извршуваат своите верски обврски, сѐ едно дали користат смартфон или постар модел на мобилен телефон.

„Корисникот со телефонот може да одреди во кој правец се наоѓа Мека и со посебни звучни сигнали да биде потсетен на дневните пет молитви, во текот на кои телефонот автоматски се става во модус на бесчујност“, објаснува грчкиот инженер. Тој соработува со данската фирма „Блуфиш Технолоџис“, еден од водечките производители на сим-картички во светот.

Погодно и за евтините мобилни телефони

Islamic SIM

Електроинженерот Јанис Хацопулос

Специјалните функции на мобилните телефони за муслиманите навистина не се во основа нова идеја, но тие главно се насочени кон корисниците на модерните смартфони.

„Карактеристика за исламската сим-картичка е што е употреблива и за постарите мобилни телефони од т.н. втора генерација, што е предност во однос на другите сим-картички или епови“, вели исламологот Елиф Елма од фирмата „Исламик консалтинг“ во Манхајм. Таа е уверена дека ова сим-картичка ќе биде прифатена кај муслиманите во светски рамки, посебно поради функцијата за автоматско преминување во бесчуен модус:

„Неа ќе ја ценат сигурно и имамите, кои често се жалаат на ѕвонењето на мобилните телефони“, вели Елиф Елма.

Веројатно ќе потрае период од неколку години додека кај исламските земји се пробијат смартфоните, смета Јанис Хацопулос.

Неговата идеја за исламска сим-картичка е родена во 2009. година, кога бил во посета на Мобил Ворлд Конгресот во Барселона, се присеќава тој. Тогаш фирмата „ЕлЏи“ претставила мобилен телефон со специјални функции за муслиманите, што го навело на размислување дека овие функции можат да бидат понудени и на една сим-картичка. Така, верниците муслимани ќе имаат можност секој евтин мобилен телефон да го префункционираат во „исламски мобилен телефон“.

Предлози за дополнителни функции

Islamic SIM

Англиски флаер за исламската сим-картичка

Мујтаба Ахмед, кој работи како инженер во Дубаи, за „исламската сим-картичка“ првпат дознал од интернет, производот му се допаднал.

„Навистина, и овде има сим-картички со помошни функции за муслиманите, но во Индија и во Дубаи нема ништо слично на оваа сим-картичка“, вели тој за Дојче веле. Тој е по потекло Индиец и самиот е муслиман, а има и предлози за проширување на постојните функции:

„Во текот на Рамазан мобилниот телефон може да го информира корисникот за почетокот и за прекино на постот“.

Јанис Хацопулос пак како следен проект планира поврзување на најважните функции на исламската сим-картичка со социјалната мрежа Фејсбук, за да ги придобие и помладите муслимани.