1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчки пратеник дисциплиниран поради протурски ставови

Пратеникот на опозициската Сириза бил повлечен од парламентарната комисија за човекови права откако изразил протурски и промакедонски ставови.

Грчката опозициска партија Сириза го отстрани својот претстaвник Насос Теодоридис од парламентарната комисија за човекови права откако тој рече дека грчкиот остров Имиа и‘ припаѓа на Турција. Теодоридис е отстранет од комисијата, но не и од партијата, откако на својот профил на Фејсбук, во пресрет на годишнината од кризата на Имиа, во која загинаа тројца припадници на грчката воена морнарица, островот Имиа го нарече по неговото турско име Кардак и изјави дека грчката армија треба да престане да ги брка турските авиони над Егејското море и оти Атина треба да се откаже од правата на територијалните води до 12 милји.

Портпаролот на Сириза Панос Скурлетис на Твитер напиша дека личните ставови на Теодоридис се далеку од гледиштата на Сириза и не ги одразуваат официјалните мислења на партијата. Владејачката Нова демократија го обвини пратеникот на Сириза за „анти-грчки делириум“ и го повика лидерот на партијата Алексис Ципрас да го отстрани од партијата.

„Во спротивно, Ципрас само ќе потврди дека тоа исто така се негови ставови и позиции на партијата“, се вели во соопштението на Нова демократија.

Alexis Tsipras zu Besuch in Berlin

Лидерот на Сириза, Алексис Ципрас

Притисокот за остранување на Теодоридис од Сириза се зголеми од пред некој ден, откако тој на Фејсбук напиша: „Барањето на Курдите за употреба на нивниот јазик во турските судови е задоволено. Во Грција пак, не се планира такво нешто за македонскиот“.

И после оваа изјава, Нова демократија побара тој да се отстрани од Сириза. Во тоа соопштение, владејачката партија исто така нагласи дека ако Ципрас веднаш не го отстрани Теодоридис од партијата „значи дека се согласува со неговиот предлог и оти тоа е и позиција на неговата партија“.

„Во секој случај, ако нема реакција за ставовите на членот на Сириза, на Скопјаните им се нудат смешни аргументи, особено кога таквите неприфатливи позиции се официјално изразени од главната опозициска партија“, пишуваше во соопштението на Нова демократија.