1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчки новинар на суд поради објавување тајни податоци

Денеска новинарот Ваксеванис треба да се појави пред суд поради објавувањето на листата со две илјади имиња на Грци кои имале банкарски сметки во Швајцарија.

Новинарот Костас Ваксеванис кој вчера беше уапсен, а потоа и ослободен откако неговото списание „Хот Док“ во саботата објави список со имињата на повеќе од 2.000 Грци кои наводно имаат сметки во швајцарски банки, денеска треба да се појави пред суд. Ваксеванис е обвинет за кршење на законите кои се однесуваат на приватноста на личните податоци. Грчките власти не потврдија дека листата објавена во „Хот Док“ е вистинскиот список со имиња кој на поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину во есента 2010 година му го дала Кристин Лагард, која тогаш беше министер за финансии на Франција, со цел да им помогне на властите во Атина во борбата против затајувачите на данок.

Ниту Папаконстантину, ниту неговиот наследник Евангелос Венизелос, кој месецов им ја достави листата на властите, рекоа дека на списокот има имиња на политичари.

Но на списокот со 2.059 имиња што го објави „Хот Док“ има најмалку тројца политичари, вклучувајќи двајца поранешни министри на конзервативците од кои едниот е починат, а другиот моментално е советник на премиерот Андонис Самарас.

Поранешниот министер Јоргос Вулгаракис рече дека неговото име на листата е „дезинформација“ и „клеветење“ и на својот профил на „Твитер“ напиша: „Ниту мојата сопруга, ниту јас, имаме некакви офшор компании и банкарски сметки во странство“.