1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Грчки брејкденс против десниот екстремизам

Брејкденс групата „ВејвОметикс“ во Атина преку танц се бори против десничарските тенденции во земјата. Грција мора да стане пофлексибилна, доселениците и културните разлики треба да ги гледа како збогатување, сметаат тие

Себе си се нарекуваат ВеjвОметикс и првенствено сакаат да танцуваат. Но, во нивниот град Атина за шареноликата трупа тоа веќе не е толку едноставно, а причината е нивното потекло.

Мајката на Агелос, на пример, е Кубанка. Тоа им беше доволен повод на четворица мажи да го нападнат ноќе на улица.

„Им реков: луѓе, чекајте, јас веќе 20 години живеам во Грција, што ви пречи? Одговорот беше - сеедно им е, тие едноставно сакаа тепачка,“ раскажува Агелос Апостолидис, брејкденсер во „ВејвОметикс“.

Ситуација која им е позната и на другите од групата. Тие често се навредувани, зашто најчесто танцуваат на улица.

Некои живеат од овие настапи. Кој има повеќе, им помага на другите - како во едно семејство, само од сосема различна причина.

Во последните години, посебно во Атина, сѐ поретка е отвореноста кон оние кои мислат поинаку, кон странците. Една од причините е проблемот со бегалците, во кој Грција потфрли. Мигрантите ги сметаат за потенцијални криминалци, кон кои полицијата реагира со употреба на несразмерна сила.

Пред неколку месеци десен радикал го уби познатиот грчки рапер и левичарски активист Павлос Фисас.

Некои членови на „ВеивОметикс“ лично го познаваа раперот. Ставрос Мавопулос му беше пријател, како брејкденс танчер настапуваше на неговите концерти.

Тој не дозволува да биде заплашен од десничарите и нивниот расизам. Тоа му беше заедничко со Павлос:

„Павлос и јас го сакавме истото, имавме иста цел. Сакавме да го покажеме нашиот отпор против десничарските тенденции, да го направиме очигледен за сите луѓе. Разликата е само што тој тоа го правеше со своите песни и текстови, а ние тоа го правиме преку нашиот танц“.

Местото каде беше убиен Павлос Фисас стана некој вид светилиште. По убиството неговите песни се посебно популарни. Mногумина ги отрезни тоa, дека Грк стана цел на насилство поради своите убедувања.

Убиецот потекнува од милјето на неофашистичката партија „Хриси авги“, Златна зора. Пред неколку недели беше уапсено речиси целото партиско раководство, кое се товари за основање криминална организација, убиство, уцена и нанесување тешки телесни повреди.

Многу доцна, смета Костис Папајоану од Хјуман рајтс воч. Со години организацијата укажуваше на случаи на расистичко насилство, но политичарите и медиумите тоа го игнорираа:

„Се чини дека по убиството на Павлос Фисас му дојде крај на ова заташкување. Но, тоа не значи дека целото грчко општество е подготвено да ја согледа вистината. Во секојдневието останаа мноштво проблеми. На многу луѓе им е и натаму сеедно, што, на пример, се вршат напади врз мигрантите од Пакистан. Пред нас е долг пат, во грчкото општество постои ксенофобија и расизам, што го имало порано, но со финансиската криза изби на површина и се’ уште е тука.“

Танчерите од „ВејвОметикс“ во кризата гледаат и шанса. Младите луѓе ги отфрлаат старите структури, непотизмот. За нив е јасно дека Грција мора да стане пофлексибилна, дека доселениците и културните разлики треба да ги гледа како збогатување.