1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грчките станови под хипотека полесно ќе одат „на барабан“?

Грција планира да ги укине ограничувањата за продажба на лицитација на приватните станови. Со тоа владата сака да им помогне на банките да се ослободат од гнилите кредити.

Во неделниот магазин „Риалњуз“ грчкиот министер за финансии Јанис Стурнарис отворено зборува за неизбежната промена на курсот во односот кон сопствениците: „Ако аукциите не бидат одобрени, банките ќе пропаднат“.

Од 2010 година на финансиските институции во многу случаи не им беше дозволено да ги стават на продажба куќите на неплаќачите на кредити. Притоа, се работи за недвижен имот, односно куќи и станови чија вредност е под границата од 300 илјади до 495 илјади евра, во зависност од тоа дали сопственикот е во брак и дали има деца. Ова правило повеќепати беше пролонгирано, но сега неговата важност истекува до крајот на годината и, според Стурнарас, тогаш дефинитивно треба да биде укинато.

Griechenland Athen Parlament Yannis Stournaras

Јанис Стурнарас бара излез за банките

Во рамките на владината коалиција овој чекор во време на рекордна невработеност, намалување на платите и долгорочна рецесија, се смета за големо оптоварување. Коалицијата, имено, располага само со тесно мнозинство од пет гласа во парламентот. Можеби затоа Стурнарас истакнува дека во одделни случаи ќе биде пружена помош.

ЕУ и ММФ ги поткрепија грчките банки кои се на работ на банкрот со вкупно 38 милијарди евра, но за возврат бараат чистење на нивните биланси. Во Грција осум од десет граѓани живеат во сопствени четири ѕида. Хипотеките сочинуваат голем дел од гнилите кредити на грчките банки. Презадолжената Грција од 2010 година е спасувана од банкрот со финансиска помош од партнерите од ерозоната и ММФ. Досега кон Грција се слеаја вкупно над 200 милијарди евра. Грција за да ги оправда и добие овие кредити мора да спроведува драстичен курс на штедење, која ја заострува економската криза на земјата.