1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчките политичари заробени во системот на клиентелизам

Грчкиот парламент го одобри пакетот мерки за штедење, но се чини дека врвните политичари не се способни да ги решат проблемите на земјата. На избирачите им недостасува разумна алтернатива.

Политичарите во Атина се поделени во врска со новиот пакет мерки за штедење, што ноќеска (13.02.2012) го усвои грчкиот парламент. Дури 40 пратеници од редовите на владината коалиција беа против, поради што веднаш по гласањето беа исклучени од парламентарните фракции на нивните партии. Врвните грчки политичари остануваат заробеници на стариот клиентелизам - модел на размислување и однесување, и се чини дека не се подготвени или не се во состојба да ја извадат земјата од кризата.

На гласањето во парламентот му претходеа турбулентни денови

Непосредно откако трипартиската влада на Лукас Пападемос во четвртокот (09.02.2012) го одобри новиот пакет мерки за штедење, започна вообичаениот политички театар во функција на предизборна кампања. Задршки прв искажа водачот на конзервативните Антонис Самарас, кој побара веднаш да се одржат нови избори - и сепак навести дека во парламентот ќе гласа за пакетот. Потоа познатиот и озлогласен десен популист Јоргос Караџаферис, познат по цик-цак политиката, ги повлече своите министри од владата, која дотогаш ја подржуваше како никој друг. Конечно и сомничавите од ПАСОК најавија дека нема да гласаат за пакетот и веднаш поднесоа оставки во знак на протест против политиката на штедење на владината коалиција, на која и самите и’ припаѓаат. Според грчките коментатори, наводно поранешниот премиер Јоргос Папандреу лично ги предводел социјалистите што гласаа против, за одмазда на неговиот најважен внатрепартиски противник, министерот за финансии Евангелос Венизелос, кој е за курсот за штедење.

Griechenland Athen Parlamentsgebäude

Грчкиот парламент

Бирократскиот монструм го задушува стопанството

„Личните интереси на политичарите се во преден план дури и кога земјата е во ’слободен пад‘“, коментира атинскиот стопански весник „Нафтемпорики“. Нов „дежурен виновник“ стана Тројката (на ЕУ, ММФ и ЕЦБ), која наводно со налозите за штедење од 2010 година наваму ја дотерала Грција до пропаст. Тројката во меѓувреме призна дека направила тешки грешки, но токму грчката влада, во случај на дилеми, пледираше за покачување на даноците - од страв од алтернативата: да се зафати со преуредување на политичкиот систем базиран во голем дел врз клиентелизам и корупција, да ги намали трошоците на државата, да ги укине привилегиите. И по две години на болна политика на штедење, бирократијата од управата и натаму го задушува грчкото стопанство, рече за Скај-телевизијата Стелиос Ставридис, потпретседател на „Форумот на грчки претриемачи“. „Трошоците за бирократијата во Грција изнесуваат 14 милијарди евра годишно, двојно повеќе од просекот во ЕУ. Кога земјата би била на ниво на европскиот просек, би можела да заштеди 7 милијарди годишно. Но, законодавецот не е во состојба да го укине бирократскиот монструм. Од тоа страдаат не само граѓаните, туку и многубројни државни службеници, кои сериозно си ја сфаќаат задачата“, вели Ставридис.

Има ли разумна алтернатива за ислужените политичари?

Verhandlungen über einen Schuldenschnitt für Griechenland in Athen

Премиерот Пападимос и шефовите на партиите во владината коалиција Караџаферис, Самарас и Папандреу

И во кризни времиња, на луѓе од доверба на политичката класа постојано им се наоѓаат пријатни функции. Најнов пример: доскорешниот раководител на бирото на поранешниот премиер Папандреу беше поставен за заменик-претседател на државното електростопанство - иако тоа место воопшто не беше слободно! Ќе беше ли можно вакво нешто ако претпријатието беше приватно?! Грчките коментатори доаѓаат до заклучок дека политичарите во Атина воопшто не се подготвени да го доведат под прашање системот што се потпира врз клиентелизам, оти со тоа би се укинале самите себе си.

„Не треба да се помешаат гнилиот политички систем и грчкиот народ кој напорно работи. Тоа треба да го знаат пријателите на Грција во странство, не треба да претераат со барањата и еден цел народ да турнат во бездна. Тоа е голема грешка што ќе се одмазди“, вели реномираниот политички коментатор Алексис Папахелас.

Според актуелните анкети, левите опозициони партии сега имаат поддршка од вкупно 40 проценти на гласачите. Во тој случај, на претстојните избори - веројатно на почетокот на април, би освоиле апсолутно мнозинство во грчкиот парламент и потоа би ги анулирале сите напори за штедење. Тоа, пак, не би било ни од интерес за Грција, ниту за ЕУ.

Автор: Јанис Пападимитриу / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM