1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грчките општини сакаат да учат од германските

Германските и грчките општини се во фаза на развивање модел на меѓусебна соработка, кој може да биде натамошен пример. Тие не разменуваат само „ноу хау“, туку соработуваат на реализација конкретни проекти - во Грција.

Малата западногрчка општина Аминтаио се наоѓа среде регион богат со камен јаглен. Тука постојат повеќе термоелектрани, кои со децении испорачуваат електрична струја за околу 20 илјади жители во регионот. Долго време никој не праша ни за трошоците, ниту за еколошката подобност на чадечките џинови.

Но, свеста кај луѓето се менува, тие се‘ повеќе од порано се интересираат за заштита на природата и за одржливи извори на енергија, објаснува градоначалникот Макис Лосифидис: „Ни успеа напредок на оваа важна тема: производство на електрична енергија во термолектрана на биомаса, како и топлинска енергија од постројки на биогас“.

Помош од Германија

Како што објаснува Лосифидис, првите населби од неговата општина писмено се обврзале наскоро да се приклучат на новата енергетска мрежа. Важна помош притоа во проектот стигнува од Германија. Во рамките на Германско-грчкиот собир, мрежа на градоначалници и комунални експерти од Германија и Грција, веќе дојде до повеќе средби во двете земји, со цел да бидат разменети „ноу хау“ и успешните пракси и реализација на конкретни проекти.

До ваква средба дојде и во Аминтаио, токму на темата производство на обновливи енергии на комунално рамниште. Таа придонесе за реализација на овој конкретен проект, вели Макис Лосифидис.

Пред неколку дена се одржа и средба на Германско-грчкиот собир во Нирнберг. Над 400-те учесници, од кои половината беа од Грција, меѓу кои околу 60 градоначалници - речиси една петтина од нивниот вкупен број во земјата, допатуваа на свој трошок во Нирнберг. Тие се интересираа за конкретни проекти, на пример депонирањето на сметот, што во Грција чини скапо, а во Германија со рециклирање комуните остваруваат профит. Исто така се дискутираше за поефикасно организирање на администрацијата на локално ниво, потоа како локалните аграрни производи да најдат пат до германските супермаркети.

Против предрасудите преку соработка

Во Солун се ангажира и Германецот Франк Еделман. Во фокусот на интересот на градоначалникот на општината Штајнах во југозападна Германија е соработката меѓу комуналната управа и организациите на цивилното општество, значи здруженија, иницијативи и невладини организации. Формиран е концепт на кооперативни единици, чија задача е координација на соработката меѓу градската управа и иницијативите и групите од цивилното општество. Примарни притоа се пред се‘ разјаснувањата на правните и организаторските прашања.

Hans-Joachim Fuchtel

Ханс Јоахим Фухтел

Од почетокот на 1960-те години стотици илјади Грци емигрираа во Германија, а околу два милиона Германци секоја година го минуваат одморот на грчките плажи. Логична би била помислата - односите меѓу двете земји се хармонични. Но, тензиите во грчко-германските односи поради економската криза предизвикаа предрасуди и стереотипи, за кои се сметаше дека се надминати.

На Крит локалниот печат постојано предизвикуваше негативно расположение против посетите на ополномоштеникот на германската канцеларка Ангела Меркел за германско-грчка соработка на комунално ниво, Ханс-Јоахим Фухтел. Печатот алудираше на германската окупација на островот за време на Втората светска војна, предупредувајќи од секаква соработка.

Грчките општини ја поздравуваат соработката

Сега, за време на Германско-грчкиот собир во Нирнберг, преку Скајп се вклучи гувернерот на островот, Ставрос Арнаутакис, за да ја истакне својата поддршка. Причината е што покрај во Атина, и на Крит стартува првиот пилот-проект на дуалното образование за туристички професии, според германски модел.

„Го поддржуваме проектот на дуално образование низ работа за туризмот на Крит, кој стартуваше со 30 учесници. Кога бевме во посета кај господин Фухтел во Германија, можевме да се увериме како тоа функционира. Се надеваме дека во наредните години бројот на младите во овој проект ќе се зголеми и ќе продонесе за развој на туризмот на Крит“, истакна гувернерот.

Официјално, оваа соработка се нарекува „размена“, но всушност се врши трансфер на докажана пракса и „ноу хау“ од Германија кон Грција. Но, се чини дека тоа не им пречи на грчките градоначалници, зашто проблемите на нивните општини се толку големи, што радо прифаќаат помош. Во втората фаза на соработката ќе започне конкретната поддршка на проекти, во што спаѓаат и финансиски средства. Во 2014. година започнува следниот период на поддржувачките програми на ЕУ. Германските експерти треба да придонесат за тоа грчките општини да можат да ги реализираат своите проекти со пари од овие фондови.