1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчките лидери не се договорија за мерките за штедење

Грчките лидери не се договорија за реформите и програмата за штедење. Министерот за финансии Евангелос Венизелос патува денеска доцна попладне во Брисел, на состанок со колегите од еврозоната, без целосен договор.

Грција се надева дека министрите за финансии од еврозоната ќе донесат денеска позитивна одлука за пакетот финансиска помош, иако коалиционите партнери до доцна во ноќта не успејаа да се договорат за мерките неопходни за добивање на 130 милијарди евра заем од ЕУ и ММФ. Иако коалициските партнери не постигнаа договор, канцеларијата на премиерот Пападимос објави дека единствено кратењето на пензиите било камен на сопнување во разговорите. ММФ и ЕУ бараат кратење на пензиите за 15 проценти. Кредиторите бараат од грчката влада да скрати 300 милиони евра трошоци за пензии.

Но, она што европските министри за финансии сакаат да го слушнат денеска од Венизелос е дека грчката влада се обврзала да заштеди годинава во буџетот 3,3 милијарди евра.

Венизелос, по завршувањето на разговорите со коалициските партнери, драматично изјави дека тие треба брзо да ги решат своите разлики, предупредувајќи дека „преживувањето на Грција во следните години“ зависи од пакетот помош и од договорот за кратење на дел од долгот кај приватните кредитори.

Griechenland Athen Treffen Spitzenpolitiker Papademos

Премиерот Пападимос со грчките политички лидери

„Тоа ќе определи дали земјата ќе остане во еврозоната и дали нејзиното место во Европа ќе биде загрозено. Нема простор за друга можност. Мораме да им погледнеме на Грците во очи, да гледаме на националните интереси и интересите на нашите деца“, рече Венизелос.

Венизелос пред неколку дена објави дека грчката влада се согласила до крајот на годинава да скрати 15.000 работни места во јавниот сектор. Ако Грција не го добие кредитот со кој треба до 20-ти март да отплати стари долгови, тогаш ќе отиде во банкрот, а тоа ќе доведе до излегување од еврозоната, состојба што европските функционери инсистираа дека е невозможна да се случи, бидејќи ќе ги загрози другите земји со слаби економии, како Португалија, Ирска и Италија.

Автор: Александар Методијев/ртр/афп

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM