1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грчките бизнисмени распродаваат имот за да преживеат

Потрошувачката во Грција е падната за 80 проценти. Бизнисмените мораат да отпуштаат работници и да продаваат дел од опремата во фабриките за да можат да преживеат. Во стопанството не циркулираат пари.

Машинскиот инженер Евангелос Гизелис води секојдневна битка за опстанок. Тој итно мора да продаде една од своите машини. Гизелис направи презентација за еден редок муштерија, негов сонародник од Грција. Цената на пресата што ја продава е околу 100 илјади евра. Но, и тие што сакаат да купат нешто во кризни времиња имаат проблеми со финансирањето.

„Всушност е невозможно да се добие кредит. Мора да докажеш дека имаш доволно пари депонирани в банка. Мора да се дадат гаранции, а и ако добиеш кредит каматите се атсрономски. Тоа не’ турка на колена“, вели претприемачот Михалис Анагностопулос.

Машинскиот инженер Евангелос Гизелис дообјаснува: „Сега во стопанството не циркулираат пари. Сите пари од помошта се наменуваат за исплата на плати, пензии и камати. До нас, претприемачите, не стигнува ништо, поради тоа и нема подем. Рецесијата продолжува, фирми се затвораат“.

Griechenland Generalstreik

Бизнисмените се во неизвесност за својата и иднината на своите деца

Домашната побарувачка во Грција опадна за 80 проценти. Во моментов не инвестира речиси ниеден претприемач. Шефот на фирмата поради тоа мораше да отпушти 30 луѓе - околу една третина од вработените. Гизелис секојдневно желно трага по новости во весниците кои би укажувале на некаков крај на кризата.

И работниците секојдневно стравуваат за работните места. Михалис Ксантиос во кризата веќе остана без работа, но успеа да најде ново вработување. Платата му е половина од поранешната.

„Би сакал да верувам дека работите во земјава одат на подобро, оти имаме и право на тоа. Но, мора да се признае дека изгледите се неизвесни - но сакаме да останеме оптимисти“, вели Михалис Ксантиос, работник во „Гизелис А.Г.“.

Неговото работно место е на север од Атина. Патот кон дома го води покрај затворени фабрики. Тој живее во Теба, во антиката метропола на грчката култура. Денес таму поради кризата се затвора дуќан по дуќан. Автомобилот, неговата гордост, досега не мораше да го продаде. Ксантиос има и два сина, за кои е многу загрижен. Постојано се прашува - ќе добијат ли некогаш пристојна работа?

Griechenland / Athen / Parlament

Парламентот го усвои и последниот пакет реформи и мерки за штедење, како и новиот буџет за следната година, кој треба да ја извади земјата од криза

„Мислам дека кризава ќе потрае уште најмалку четири години. Треба да решиме уште толку многу работи, општествено и политички. За тоа ќе биде потребно уште извесно време“, вели загрижениот Ксантиос.

Машинскиот инженер Гизелис знае дека за да опстане во наредните две години на кризата конечно, по пет долги години, мора да и’ дојде крајот. Само државата може да го постигне тоа, смета тој:

„Државата мора повторно да доделува јавни нарачки, тоа донесува вработувања. Тогаш и претприемачите повторно ќе имаат нешто да работат, како и нивните лиферанти“, смета Гизелис, кој има до некаде среќа. Муштеријата сака да ја купи машината, под предуслов да обезбеди пари.