1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчка неонацистка во Советот на Европа

Европското антирасистичко движење го оцени како скандалозен изборот на грчка неонацистичка пратеничка во Комитетот за рамноправност и борба против дискриминацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Од Европското антирасистичко движење (ЕГАМ) бараат итно отстранување на грчката пратеничка Елени Заруље од Комитетот на Советот на Европа.

Заруља е пратеник на партијата „Хриси авги“ (Златна зора), а во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) беше кандидирана од грчкото Собрание по јунските парламентарни избори. На 1. октомври годинава Заруља беше избрана за заменик на еден од грчките претставници во тоа тело.

„Дополнителна навреда на вредностите на демократијата е тоа што таа е избрана во Комитетот за рамноправност и борба против дискриминацијата“, предупредуваат од ЕГАМ, оценувајќи ја грчката одлука за именувањето на Заруља како скандалозна.

„Таа одлука ја потврдува тривијализацијата на расизмот и антисемитизмот во Европа, како и прифаќање на партии од екстремната десница, вклучително и најрадикалните меѓу нив, каква што е грчката неонацистичка партија“, соопштија од ЕГАМ.

Од оваа организација бараат од Грција веднаш да ја повлече Заруља од Комитетот, а од ПССЕ на пратеничката да и го забрани присуството во Комитетот во Стразбур.

Но, за Советот на Европа, доаѓањето на Заруља е дел од „вообичаената пракса“ на доаѓање на нови пратеници. Статутот на ПССЕ предвидува делегациите на земјите да „обезбедат рамноправна застапеност на политичките партии и групи според состојбата во нивните парламенти“.

Изборот на Заруља во ПССЕ и во Комитетот може да го оспори било кој од членовите на Собранието, но досега никој немал приговор, изјави портпарол на Советот.

Како и другите членови на Советот и грчката пратеничка потпишала изјава за „придржување кон целите и принципите на Советот на Европа“, додаде портпаролот, нагласувајќи дека во текот на дебатата се забранети „зборови со кои се навредува човековото достоинство“.

Советот на Европа основан во 1949 година, настојува да ги зајакнува демократските и правните начела ширум Европа утврдени во Европската конвенција за човекови права и во други референтни текстови за заштита на човековите права и во него членуваат 47 земји.