1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчка криза: Германија веќе нема волја?

Дагмар Енгел / превод: ЕМФ30 јуни 2015

Каде што има волја, има и пат - оваа изрека за грчката криза канцеларката Меркел сега ја замени со една постара: ако пропадне еврото, пропаѓа Европа. Таа е и посоодветна, смета Дагмар Енгел.

https://p.dw.com/p/1Fq4r
Фотографија: Reuters/F. Bensch

Каде беше најмоќната жена во Европа на почетокот на неделата на одлука? Во секој случај не на насловните страници на грчките весници. Ангела Меркел успеа во тоа да не биде претставувана како олицетворение на злото, со шлем од времето на пруската армија или во нацистичка униформа, како што беше до пред некоја година, во еден од врвовите на, се чини, бесконечната грчка криза. Сигналите кои канцеларката ги испраќа се недвосмислени: ние, Германците, и јас, германската канцеларка, не сме тие што одлучуваме за добробитта и судбината. Германија е една од 28-те ЕУ-држави, една од 19-те од еврозоната. Во Европската Унија не одлучуваат одделни држави, туку сите.

Ангела Меркел на почетокот на оваа одлучувачка недела ја прослави 70-годишнината од основањето на својата партија, ЦДУ. „Европа живее од способноста за наоѓање компромиси“, рече канцеларката во својот говор по тој повод. И, од придржување до правилата, правила како „солидарност и сопствена одговорност“. Ако ги предадеме сопствените правила, ќе ги изневериме и нашите вредности - тоа е едно од темелните убедувања на канцеларката.

За претпазливоста со која ја играше својата водечка улога во грчката криза, Ангела Меркел доби неочекуван аплауз од Хелмут Шмит, поранешниот канцелар социјалдемократ. Тој минатата недела на својата наследничка и‘ порача дека е импресиониран. Имено, во оној момент во кој Германија ја води „играта“, сите повторно се потсетуваат на нацистичките времиња, а тоа на крајот значи дека европските влади би и‘ се спротивставиле на Германија, рече Шмит.

Engel Dagmar Kommentarbild App
Дагмар Енгел, автор на коментарот

Шмит има 97 години и може да се смета за мудар човек со искуство. Но некои работи се променија. Очекувањата од Германија во меѓувреме се поинакви. Ако се погледне светот и медиумите во него, насекаде е присутно прашањето: каде е Ангела Меркел? Сојузниот претседател, министерката за одбрана и министерот за надворешни работи веќе 1,5 година зборуваат за тоа дека Германија во меѓународни рамки треба да преземе поголема одговорност. Тоа не е популарно. Согласно со тоа, Ангела Меркел не беше на местото каде што се зборуваше за германската улога во светот и одговорите на тоа прашање.

На почетокот на оваа решавачка недела, меѓутоа, Ангела Меркел повторно изговара реченица на која долго време не сакаше радо да се сеќава: ако пропадне еврото, пропаѓа Европа. Со тоа таа не прецизира во кој момент еврото ќе се смета за пропадната валута, или дали Грција воопшто има влијание врз сето тоа. Но тоа е голема реченица, една за која се исплати полека да излезе од скривница и да се покаже. Да покаже: овде стои Ангела Меркел, овде стои претседателката на влада на економски најсилната и најбројна по население земја во ЕУ, која ќе стори се‘ за Европа да не пропадне - заедно со партнерите, но во случај на нужда и во лидерска улога, која не им е на сите само симпатична.