1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грчката полиција потврди дека обвинетите имале бугарски пасоши

Во изјава за агенцијата Асосиејтед Прес, грчката полиција потврдува дека Горан Грујевски и Никола Бошковски патувале со лажни бугарски документи. Двајцата во овие моменти се пред истражен судија

Griechenland Geflohene türkische Soldaten nach Putsch (picture-alliance/abaca/A. Mehmet)

Архивска фотографија

Грчката полиција објави и официјално соопштение за апсењето на двајцата избегани припадници на македонската Управата за безбедност и контраразузнавање, но во него нема детаљи за тоа каде престојувале Горан Грујевски и Никола Бошковски, ниту пак информација каде планирале да отпатуваат од аеродромот во Солун. Она што е потврдено од грчката полиција, во изјава на анонимен функционер за агенцијата АП, е дека двајцата македонски разузнавачи поседувале лажни бугарски патни исправи. Според информации од Солун, двајцата околу 15 часот биле изведени пред истражен судија во Солун. 

Во истрагата ќе бидат вклучени и бугарските власти кои треба да откријат какви точно документи поседувале Грујевски и Бошковски и каде бил направен фалсификатот.

Според неофицијални и непотврдени информации на ДВ, Грујевски и Бошковски одредено време престојувале во вила на првиот крак на полуостровот Халкидики, а потоа се префрлиле во стан во Солун. Според повеќе македонски медиуми, кои пак се повикуваат на пишување на грчките портали, обвинетите планирале да заминат за Будимпешта со директен лет од Солун.

Грујевски и Бошковски се во бегство повеќе од три месеци, а обвинети се од СЈО во рамките на случајот „Тврдина и таргет“ за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема.

Како ќе се одвива понатаму постапката за екстрадиција на двајцата македонски државјани од Грција, засега останува нејасно бидејќи двете земји немаат билатерален договор за екстрадиција. Според поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов, тоа сепак, не само што не е пречка за нивна депортација, туку може и да ја забрза постапката.

„И досега практиката во вакви случаи одеше по скратена постапка и на ист начин. Односно, бараните лица во договорено време се предаваа на некој граничен премин“, вели Павле Трајанов за ДВ.

 

DW.COM

Поврзана содржина