1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грчката криза нема да ја одмине Македонија

Финансискиот крах на Грција предизвикува нервоза и доза на страв во Македонија. Колкави ќе бидат последиците врз македонската економија, која е поврзана со грчката, засега никој со сигурност не може да прогнозира.

default

Грчката криза засега директно не се рефлектира во Македонија, но тоа нималку не ги остава рамнодушни македонските власти. Развојот на настаните се следи внимателно, а веќе се појавуваат и првите знаци на загриженост кај домашната политичка и експертска јавност. Првиот неповолен бран најмногу се чувствува во текстилната индустрија, каде досега се затворија неколку конфекциски погони со грчки газди. Дали овој тренд ќе добие драматични размери, ќе зависи пред се’ од самите инвеститори и нивната способност да се справат со кризата, вели за Дојче веле Маријана Перковска, претседател на секторот за текстил. Таа предупредува на сигурни проблеми доколку грчките фирми кои се присутни во Македонија не покажат способност да се справат со финансиските проблеми во нивната матична земја.

NO FLASH Symbolbild Griechenland Finanzen

Од двете банки со доминантен грчки капитал во Македонија смируваат. Штедните влогови на граѓаните се безбедни, вели директорот на Стопанска банка Глигор Бишев: „Ефектите на кризата во Грција се исти како кај секој субјект, со тоа што кај нас акционери се Националната банка на Грција, Меѓународната финансиска корпорација и Европската банка за обнова и развој“, вели Бишев.

Експертите предупредуваат

Експертите предупредуваат дека актуелниот развој на настаните не оди во позитивна насока. Поранешниот министер за финансии Трајко Славески вели дека кризата во Грција за Македонија не е добра вест, ако се има предвид дека станува збор една од водечките земји инвеститори во земјава.

Загриженост владее и во редовите на владиниот кабинет, каде освен будното следење на настаните велат немало што многу да сторат за да влијаат врз ситуацијата. Министерот за финансии Зоран Ставрески вели дека владата ќе остане на актуелниот економски курс и не очекува повлекувања на поголем дел од грчките инвеститори од Македонија пред се’ поради добрите услови и ниските трошоци за водење бизнис и инвестирање во земјата.

Инаку Грција е во редот на петте најголеми инвеститори во Македонија и еден од најголемите трговски партнери. Сепак грчките компании лани во Македонија инвестирале само околу седум милиони евра, или седумпати помалку во споредба со 2007 година.

Автор: Костадин Делимтов

Редактор: Александра Трајковска