1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчката каса повторно наполнета

Грција може да здивне со олеснување, барем засега - итно неопходната финансиска инјекција е одобрена. Но, високо задолжената земја мора и натаму да штеди. Опозицијата бара намалување на даноците.

default

Спасувачката вест стигна вчера попладне (03.06.) од грчкото министерство за финансии - итно неопходната транша од кредитите за помош може да биде исплатена. Високо задолжената земја, со ваквата одлука на експертите на ЕУ, ЕЦБ и ММФ, добива 12 милијарди евра од пакетот за помош.

Јоргос Папаконстантину, министер за финансии на Грција

Јоргос Папаконстантину, министер за финансии на Грција

Претходно, контролорите на Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и Европската централна банка детално ги проверија напорите на грчката влада за штедење. Постојано имаше гласини дека контролорите можеби нема да дадат зелено светло за исплата на парите за помош, поради тоа што Грција не можела да исполни дел од своите ветувања за штедење. Доколку ратата од кредитот не беше одобрена, на земјата и‘ се закануваше банкрот. Грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину, пред неколку дена во телевизиско интервју тоа вака го формулираше:

„Нема да можеме да ги исплатиме платите, пензиите, сите обврски на државата, што значи ќе мора да ги спуштиме ролетните.“

Ваквото сценарио сега, со давањетo позитивен сигнал од страна на меѓуанродните контролори, најверојатно ќе биде избегнато. Грција и меѓународните донатори, во најмала рака, ќе добијат на време. Министерството за финансии во Атина во петокот нагласи дека проценката на контролорите се однесува на актуелните напори за штедење, но и на среднорочното финансиско планирање, што значи на новата планирана програма за штедење и планираните структурни реформи за поголем пораст и поголема конкурентност.

За да се вклучи моторот, клучот треба да се стави на вистинско место

Владата на Папандреу мора до 2015 година да заштеди уште 78 милијарди евра

Владата на Папандреу мора до 2015 година да заштеди уште 78 милијарди евра

Владата на Папандреу мора со сопствени сили до 2015 година да заштеди натамошни 78 милијарди евра. Педесет милијарди би требало да се добијат со продажба на државен имот и акции. Соодветните закони треба да бидат разгледани на садница на владата во текот на наредните денови, а потоа законите ќе се најдат во парламентот. А таму, се чини, се ниша сигурното мнозинство на премиерот. Шефот на конзервативната опозиција, Антонис Самарас, вчера уште еднаш повтори дека неговата партија, Неа Демократија, нема да даде согласност за новата програма за штедење:

„Економијата нема да тргне, ако не го ставиме конечно клучот на вистинско место за моторот да се запали. Тој клуч за нов старт е намалувањето на даноците. Затоа инсистираме на тоа, не од инает, туку поради суштински причини - потребен ни‘ е тој нов старт.“

Дали владата ќе се свитка под притисок на опозицијата не се знае. Можно е да се согласи со намалување на дел од даноците, што би ја поттикнало домашната економија.

Факт е дека ЕУ најрадо би сакала идните програми за штедење на Грција да не бидат спроведувани со согласност на владино мнозинство кое е разнишано, туку да бидат поддржани од широко мнозинство во грчкиот парламент.

Автор: Штефен Вурцел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Трајче Тосев

DW.COM