1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грчката драма продолжува

Јоргос Папандреу станува трагична фигура на грчката финансиска драма. Грчкиот парламент денеска ќе гласа за доверба на неговата влада, а во Атина веќе се вртат сценарија за времето по Папандреу.

default

Парламентот во Атина

Јоргос Папандреу останува на намерата до вечер да го постави прашањето за доверба пред парламентот, со надеж дека покрај цик-цак курсот околу референдумот за европскиот пакет мерки за спас на неговата земја и гневот на европските партнери поради тоа, сепак ќе го добие потребното мнозинство гласови и ќе може да продолжи да владее како ништо да не се случило. Вчера во парламентарната дебата тој нагласи дека не е врзан за премиерската функција и дека се обидува само да го стори најдоброто за неговата земја, бидејќи Грција не може да си дозволи во сегашната ситуација да биде без влада дури ниту еден ден.

Папандреу го губи мнозинството

Но, мнозинството на Папандреу во парламентот се намали на еден, максимум два гласа. Згора на тоа министерот за финансии Евангелос Венизелос е најостар внатре-партиски конкурент на Папандреу и се смета за можен наследник на премиерската функција. Венизелос го предводеше отпорот во редовите на владејачката партија против најавениот референдум, од кој премиерот во меѓувреме се откажа. Поддршката за Папандреу во ПАСОК се топи и се множат гласовите кои бараат негова оставка. Така пратеникот на владеачката партија Димитрис Линцерис порача дека Папандреу веќе му припаѓа на минатото. А и младата пратеничка на социјалистите, Ева Каили, која долго му беше блиска соработничка на премиерот, најави дека не може да му даде полна доверба.

Griechenland Finanzkrise Regierungssitzung in Athen Finanzminister Evangelos Venizelos

Министерот за финансии Евангелос Венизелос

Грчката јавност, имено, го доживеа кризниот самит на канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози во Кан како голем срамота за грчкиот премиер. Тие имено ги донесоа сите одлуки без Папандреу и излегоа на заедничка прес-конференција без него, дури потоа Папандреу се појави пред камерите очигледно исфрустриран. Згора на сето ЕУ најави вонредна средба на евро-групата за в четврток, на која ќе се зборува за ситуацијата во Грција, а на која нема да присуствува грчкиот премиер. Остра критика на ваквото застапување на грчките интереси дојде и од двете поранешни евро-комесарки Ана Диамантопулу и Васо Папандреу, кои побараа и оставка на премиерот.

Избори до крајот на годината

Во Атина во меѓувреме се’ повеќе се зборува за можното сценарио, пратениците на владеjачкиот ПАСОК при гласањето за доверба вечерва сепак да му дадат поддршка на премиерот, за потоа тој достоинствено да поднесе оставка. Со тоа би се отворил патот за три можни варијанти: првата е актуелниот министер за финансии Евангелос Венизелос да ја преземе премиерската функција. Втората предвидува создавање преодна експертска влада, за чие водство се вртат имињата на поранешниот заменик-шеф на ЕЦБ, Лукас Пападемос, како и на поранешниот премиер Костас Симитис. А третата варијанта подразбира создавање влада на национален спас со учество на опозициската Неа 

Griechenland Finanzkrise Opposition Antonis Samaras Partei Neue Demokratie

Лидерот на опозициската Неа демократија Андонис Самарас

демократија. Нејзиниот заменик претседател Киријакос Мицотакис порача дека е свесен оти во оваа тешка фаза е многу битно да има преодна влада со учество на двете најголеми партии, но исто така нагласува дека единствен траен излез се предвремени избори. Угледниот грчки новинар Алексис Папахелас смета дека изборите би можеле да се одржат уште до крајот на годината, а најдоцна во февруари.

Автор: Горан Чутаноски/Јанис Пападимитриу

Редактор: Борис Георгиевски