1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција ќе мора да отпушти 15 илјади административци

Грчката коалициска влада попушти пред барањата за кратење на работните места во јавната администрација, објавувајќи дека 15 000 работни места ќе бидат скратени оваа година.

Вчерашната објава претставува поместување во грчката политика, бидејќи работните места на државните службеници до сега беа заштитени - во време на штедење поради акутната финансиска криза во Грција, која започна пред две години.

Министерот за реформи во јавниот сектор Димитрис Репас изјави дека кратењето на работните места ќе се направи со нов закон, којшто ќе дозволи такви отпуштања. Во исто време, грчкиот министер за финансии ги обвини политичките партии за неуспехот да се постигне консензус за преговорите со кредиторите од ЕУ и ММФ.

„Наместо да се гледа на оваа трагична дилема со национално единство, многумина ја трошат својата сила на конвенционални, застарени партиски конфронтации како ништо да не се случува. За жал сме расеани и не му ја кажуваме вистината на грчкиот народ“, рече министерот за финансии Евангелос Венизелос.

Evangelos Venizelos Griechenland Finanzminister Athen

Евангелос Венизелос

Проблемите во грчката економија постојат со години

Т.н. Тројка - претставници на ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд повеќе пати јасно укажа дека натамошните реформи, пред се’ во областа на пазарот на труд, се сметаат како услов за добивање на вториот пакет финансиска помош за Грција, вреден 130 милијарди евра. Но, коалициската влада на Лукас Пападимос се двоуми да ги исполни барањата.

„Проблемите во грчката национална економија не се иницирани од или поради Тројката. Сегашната финансиска криза и влијанието на економската и должничката криза само ги влошија хроничните проблеми што веќе постоеја во грчката економија со години“, укажува Амадео Алтафаж, портпаролот на еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен.

ММФ порачува дека нема заобиколен пат

Главниот економист во ММФ Оливие Бланшард и порача на Грција дека мора да си ги скрати трошоците за да ја поттикне конкурентноста и да ја извлече земјата од економското мочуриште.

IWF Olivier Blanchard USA Washington

Оливие Бланшард

„На Грција и треба драматично намалување на долгот и тоа е предмет на преговорите. А, другата половина од она што е потребно  е тоа дека или во основа го зголемувате продуктивниот раст многу и брзо, и умерено го одржувате растот на платите или ги намалувате платите. Нема друг заобиколен пат“, нагласи Оливие Бланшард.

А, грчкиот премиер Лукас Пападимос е заглавен меѓу притисокот од ЕУ за брз договор за поостри мерки на штедење и зголемениот притисок од синдикатите, вклучувајќи го и денешниот најавен 24 часовен штрајк, поради најавените кратења на работните места и платите.

„Сегашната политика на штедење ги претвора работниците во отпадници, луѓе без работа и пензионери голтари, а ја лишува и нашата младина од каква и да е надеж. Оваа политика веќе ги притисна Грците над нивните граници и по секоја цена мора да запре“, реагираа од најголемиот синдикат на државните службеници „АДЕДИ“.

Автор: Александар Методијев /ап/афп/дв

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM

Поврзана содржина