1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грција ќе загуби ако чека предолго во спорот за името

Посетата на Солун на македонскиот премиер Заев, според официјалното објаснување - беше приватна. Па сепак, таа се смета за важен симбол на приближување.

Посета на македонскиот премиер Зоран Заев на солускиот градоначалник Јанис Бутарис - со оглед на напрегнатата состојба меѓу Грција и Македонија ова звучи како историски момент. Момент кој би требало да се слави официјално со приеми, заеднички настапи во јавноста и со присуство на новинари.

Но, Заев официјално во главниот град на северногрчката провинција Македонија не пристигна како премиер, туку како Зоран, кој кај својот грчки пријател Јанис сака да прослави Нова година. Јавноста и новинарите беа исклучени.

По симнувањето од власт на деснонационалниот премиер Никола Груевски, тонот во односите се промени. Ако Груевски креваше споменици на Александар Велики во главниот град, социјалдемкратот Заев упатува помирливи тонови кон Грција, зборува за пријателски односи и бара политички и културни компромиси. Се надева дека на таков начин односите ќе се подобрат. На македонската економија ѝ оди лошо. Невработеноста е висока, а политичката ситуација со соседните земји Албанија, Србија и Бугарија е полна со конфликти. Целта на Заев гласи: приклучување кон ЕУ и НАТО, за земјата конечно да ја доведе на стабилен курс.

Mazedonien | Proteste gegen den griechischen Außenminister 2014 (Getty Images/R. Atnasovski)

Протести во Скопје во 2014 година против шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос (архива)

Двете членства веројатно би создале јасни односи на Балканот. Од една страна, НАТО дефинитивно би ја врзал Македонија за Западот и со тоа би ѝ ја поматил сметката на Русија. Приклучување кон ЕУ пак би ја извлекло земјата од политичкото и економско тонење. Од сите овие аспекти би прифитирал и целиот регион, во кој постојано има кризи кои ги надминуваат границите на државите.

Повеќе на темата:

Македонија-Грција: Спор за име? Каков спор?

Разговори за името: Го пробија снегот, ќе го скршат ли мразот?

Почеток на крајот на спорот за името?

Ваков интерес би требало да покаже и сѐ уште кризната Грција. Но, од Атина по прашањето на името и натаму доаѓаат непопустливи тонови. Особено лидерот на опозиционата Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, е тој што се надева дека на таков начин ќе собере гласови од национално конзервативниот табор на парламентарните избори во 2019 година. Притоа, токму неговиот татко Константинос Мицотакис беше човекот кој во времето додека беше премиер (1990-1993) стремеше кон компромис кој би бил практичен за двете страни преку изнаоѓање алтернативни имиња како Северна Македонија.

Гледај видео 00:44

Заев: рано е за конкретни имиња

Солун како посредник

Околу темата многу не се открива ниту премиерот Алексис Ципрас. Всушност, тој радо лично би отпатувал во Солун за заедно со градоначалникот Бутарис и својот македонски колега да испуши луле на мирот. Ципрас во надеж за економски и стратешки предности веќе неколку години води политика на отворање кон Балканот. Тоа што досега ја исклучуваше Македонија се должи пред сѐ на неговиот коалиционен партнер, деснопопулистичката АНЕЛ, која е непопустлива по прашањето на името.

Притоа, националните хардлајнери од вид испуштаат две важни работи. Прво, ако Грција предолго ја игнорира подготвеноста на Македонија за компромис, ќе ги загуби своите меѓународни поддржувачи за компромис за името и можеби ќе мора дури и да живее со решението „Македонија“.

Boutaris Bürgermeister von Thessaloniki (SAKIS MITROLIDIS/AFP/Getty Images)

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, со својата неидеолошка политика се труди да има добри односи со Македонија

Второ, надминувањето на конфликтот во себе крие економски потенцијал, од кој ниту една од двете држави не може да се откаже.

Како би можела да изгледа грчко-македонската соработка покажува примерот на Солун. За време на викендите многу шопинг-туристи од соседната земја доаѓаат во вториот по големина град во Грција, а налето се оди на одмор на Халкидики. Веќе и само поради оваа причина градоначалникот на Солун, Бутарис, со својата неидеолошка политика насочена кон пораст се труди да има добри односи со Македонија. Неодамна тој беше во Скопје на размена на мислења околу заеднички проекти. Тоа што сега Заев беше во посета на Солун покажува дека интересот за трајно приближување е голем.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема