1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција треба уште да се докажува

Грчкиот премиер Самарас денеска во Берлин ќе се обиде да ја убеди германската канцеларка за продолжување на рокот за спроведување на реформи. За грчкиот случај Меркел синоќа разговараше со францускиот претседател Оланд.

Кога Германија и Франција ќе постигнат за нешто согласност, тогаш најчесто се приклучува и остатокот од Европа. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд на синоќешната вечера се согласиле за „заедничко и решително надминување на кризата во еврозоната“. Според извори од кругот на учесниците во разговорите, владеело единство дека веродостојноста е клуч за решение на кризата.

Првата средба на двајцата државници по летната пауза поминала во знакот на „свесност за заедничката одговорност“ и добра атмосфера. Средбата имаше меѓу другото цел да се најде заедничка позиција пред средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас денеска (24.08) во Берлин и утре во Париз.

Bundeskanzlerin Angela Merkel und Francois Hollande

Меркел и Оланд во Берлин

Меркел и Оланд претходно, на кратка прес-конференција, од грчката влада, како услов за натамошна финансиска помош, побараа реализација на претходно заеднички договорените реформи. Канцеларката инсистира да се сочека извештајот на т.н. Тројка, претставниците на кредиторите на Грција од ММФ, ЕУ и Европската централна банка за успехот на грчките напори за консолидација.

„Ќе ја охрабрам Грција на реформскиот пат, кој бара големи откажувања на луѓето во земјата“, изјави Меркел.

Оланд пак, ја истакна желбата Грција да остане во еврозоната. Иако и тој зборуваше за неопходноста од реформи, неговата изјава звучеше како поголема подготвеност за компромис.

Antonis Samaras / Griechenland / Athen

Андонис Самарас денеска (24.08) разговара со Меркел

Јавна тајна е тоа дека Оланд е расположен да и‘ излезе во пресрет на молбата на грчкиот премиер Самарас и на Грција да и‘ се даде повеќе време за реформските задачи. Германија нема разбирање за ваквото барање. Не само Меркел, туку и германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и министерот за стопанство Филип Реслер вчера јасно повторија - повеќе време не е решение за проблемите и ќе значи без сомнеж - повеќе пари.

Очајноста на ситуацијата во Грција се отсликува во интервјуто на грчкиот премиер Самарас за „Зиддојче цајтунг“. Грција секако ќе ги врати кредитите од 100 милијарди евра, „за тоа гарантирам јас лично“, изјави Самарас. Но, тој се надева дека земјата дури во 2016. година ќе ја постигне целта од Европскиот пакт за стабилизација за три проценти дефицит, значи две години подоцна од она што го бара Тројката.

На Грција уште во септември и‘ се потребни свежи пари. Пред да стигне новата транша помош, Атина мора да заштеди 11,5 милијарди евра. Медиумите тврдат дека мора да бидат заштедени или заработени дополнителни две милијарди евра за да бидат исполнети барањата.