1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грција треба да ги признае правата на малцинствата

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг бара Грција да ги зголеми напорите за гаранција и заштита на правата на малцинствата. Грција одбива да признае постоење македонско малцинство.

default

Томас Хамарберг, комесарот за човекови права

Лицата кои сакаат да го изразат нивниот македонски, турски или друг идентитет се судираат со непријателско расположение од населението во Грција. Ове е констатацијата на комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг во неговиот извештај за почитувањето на правата на малцинствата во Грција. Тој во него ги повторува истите забелешки направени пред неколку години од Европската Комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ). Истите ги имаа и органите на Обединетите Нации, кои побараа од Грција да ја преиспита нејзината позиција во врска со етничките, религиозните или јазичните малцинства кои се наоѓаат на нејзина територија, во согласност со меѓународните норми. Грција треба да им дозволи слободно да го уживаат правото на нивна култура, слободно да ја практикуваат религијата и слободно да го зборуваат својот јазик.

Загриженост поради одбивањето на Грција

Хамарберг, иако констатира дека е направен мал напредок во споредба со минатите години, ја повторува загриженоста поради упорното одбивање на грчките власти да признаат дека во Грција постојат и други малцинства, освен официјално признатото муслиманско малцинство во Тракија. Тој пред се‘ мисли на македонското малцинство, при што во извештајот ги наведува пресудите на Европскиот суд за човекови права околу одбивањето на грчките судови да го регистрираат Домот на македонската култура во Лерин, поради тоа што неговите основачи ја промовирале идејата дека во Грција постои македонско малцинство.

Десет години по пресудата, комесарот е информиран дека ова здружение се‘ уште не е регистрирано, иако грчките власти во 2000-та година го инфомирале Комитетот на министрите на Советот на Европа дека тие ќе ги почитуваат одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Хамарберг исто така повторува дека припадниците на македонската заедница побарале од грчките власти да го признаат нивното право на самоопределување и дека во Грција постои македонско национално малцинство.

Europarat Straßburg

Советот на Европа во Стразбур: треба да се почитуваат правата на малцинствата

Стереотипи на дискриминација

Во извештајот направен по посетата на Грција на крајот од 2008 година, Томас Хамарберг посебно се задржува на положбата на муслиманското малцинство во Тракија. Припадниците на ова и на другите малцинства во Грција се изложени и понекогаш страдаат од стереотипите и дискриминација. Затоа Грција треба да направи напори за да ги заштите нивните права, во што се подразбира и правото на слободно здружување.

Тој советува создавање на механизам во согласност со нормите на Советот на Европа за осигурување на континуитетот на дијалогот на сите нивоа со малцинските групи во Грција.

Покрај другото, комесарот за човекови права бара од грчките власти, без одлагање да ги потпишат и да ги ратификуваат главните документи на Советот на Европа. Тука тој пред се‘ ги наведува Европската рамковна конвенција за заштита на националните малцинства, Конвенцијата за државјанство и Протоколот 4 од Европската конвенција за правата на човекот. Од грчките власти се бара исто така да им ги вратат одземените државјанства на припадниците на националните малцинства, а за тие кои живеат во странство или на нивните наследници да ја преиспита и можноста да им исплатат и отштета.