1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција танцува на работ на бездната

Во Атина ниту вчера не падна конечната одлука околу пакетот мерки за штедење и отписот на дел од долговите. Грција се‘ уште не е спасена, смета Спирос Москову во коментарот.

default

По повеќенеделни преговори грчката коалициска влада иако неволно, сепак стигна до некој резултат. Од една страна се договорени комплицираните модалитети на отписот на долговите со приватните доверители. Од друга страна е готов и актуелниот план за штедење, според барањата на „тројката“ од ЕУ, ЕЦБ и ММФ. Двата документи се предуслов Грција да го добие вториот пакет финансиска помош од 130 милијарди евра, во спротивно земјата во март ќе банкротира. Дали Грција е конечно спасена? Во никој случај. Завршен е само најновиот акт на драмата. Земјата се чини повеќе од две години танцува на работ на бездната и секогаш се спасува од катастрофа во последна секунда. Тоа е резултат од еднастрана на почетната нерешителност на ЕУ решително да се справи со грчкиот проблем. Но, од другастрана тоа е последица на беспримерната неспособност на грчката политика во наоѓањето разумни решенија.

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос јавно ги стилизираше преговорите со „тројката“ како борба на Херкулес со Хидрата, митолошкото четириглаво чудовиште. Се разбира, не случајно, зашто оваа симболика е наменета за намачениот народ, за грчките гласачи кои во следните месеци ќе бидат повикани на избори. Во суштина, меѓутоа, тоа е искривување на реалноста.

Во Грција не пропадна само економијата, туку и целиот политички систем. Кризата ги исфрли на дневна светлина сите слабости и неспособности. Овој систем, кој егзистира долго време, а се храни во голем дел со корупција и непотизам, сега се бори за преживување.

Deutsche Welle Spiros Moskovou

Спирос Москову

Тој е вистинската Хидра која ги измачува Грците, а не европските партнери, кои во јавноста на иницијатива на политичарите и многу медиуми се деградирани на ниво на незаситни доверители. Грчките партии, пред се‘ социјалистите од ПАСОК и конзервативната Нова демократија, главни носители на одговорноста за денешната мизерија, сега го глумат Понтиус Пилат, припишувајќи им ја целата тежина на програмата за штедење на „доверителите“. Овие извртувања не навестуваат ништо добро, ниту за актуелниот, уште помалку за идниот пакет мерки за штедење. Политичките партии во Грција немаат никаков основен консензус околу причините и можните излези од денешната криза. Тоа се однесува дури и на партиите кои учествуваат во актуелната привремена влада на Лукас Пападимос. И поради тоа веќе донесените мерки не покажуваат вистински резултат: тие се сфаќаат за странски диктат и во пракса се минираат.

Мал пример: 31 процент од вработените Грци се државни службеници. Грчките влади последните две години се обврзаа да го намалат јавниот сектор и тоа за 150 илјади луѓе до 2015-та година. Но, до денес нема многу од тоа, во новиот пакет мерки за штедење договорен со „тројката“ оваа цел уште еднаш е потенцирана.

Жалната игра со Грција ќе продолжи и натаму, и покрај добрите вести од Атина. Последните две години често коментаторите неодлучниот став на Берлин за спас на еврозоната го доведуваа во врска со траумите на Вајмарската Република, со тогашната инфлација и масовна невработеност. Но, дотолку е позачудувачко што грчкиот народ, кој има вековни корени, не ги учи лекциите од својата историја. Грција имено веќе банкротираше, на пример во 1893-та година. Неодговорноста на грчките партии во 1897-ма година водеше кон строга контрола на грчките финансии од страна на големите сили-меѓу нив и тогаш беа Германија и Франција. Така, германските планови за испраќање европски комесар за штедење или отворање банкарско штедно конто за отплата на долговите на Грција, кои од денешна перспектива се чинат апсурдни, веројатно подоцна ќе станат неминовност.

Автор: Спирос Москову

Превод: Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски