1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција скапо ќе ја чини Германија

Грција официјално побара финансиска помош од ЕУ и ММФ. На какви реакции наиде грчкото барање кај германските политичари, имајќи предвид дека Германија би требало да одвои безмалку 8,5 милијарди евра?

default

Предусловите за финансиска помош за Грција се` уште не се целосно исполнети, соопшти германската канцеларка Ангела Меркел, веднаш откако нејзиниот грчки колега Јоргос Папандреу вчера официјално објави дека неговата земја бара од ЕУ и ММФ активирање на пакетот финансиска помош. Како што истакна Меркел, ваквиот чекор е поврзан со голем број строги предуслови: „Во случајот со Грција тоа значи дека, како прво, земјата мора заедно со ЕК и ММФ да договори строг план за штедење. Имав телефонски разговор со грчкиот премиер Папандреу и тој ме увери дека овие преговори ќе потраат уште извесно време. Како второ, откако планот за штедење ќе биде договорен, ЕК, Европската централна банка и ММФ треба да проценат дали ситуацијата е толку сериозна, дали стабилноста на еврото е загрозена до тој степен, што ќе мора финансиски да и` се помогне на Грција. Дури откако овие два услови ќе бидат исполнети, ќе може да се разговара за конкретните чекори, начинот и износот на финансиската помош“, појасни Меркел во Берлин.

Angela Merkel Flash-Galerie

Германската канцеларка не одобрува финансиска помош толку лесно

Канцеларката нагласи дека во моментов не може да се говори за конкретни бројки, бидејќи преговорите меѓу грчката влада, ЕК и ММФ се се` уште во тек.

Слично гледа и министерот за надворешни работи, Гидо Вестервеле: „Грција не може да очекува бланко-чек од ЕУ. Тие го поднесоа барањето, меѓутоа тоа ни оддалеку не значи дека тоа е одобрено.“ Германскиот министер за економија, пак, Волфганг Шојбле, не успеа да ги убеди Грците да причекаат со барањето за финансиска помош: „Неколку пати телефонирав со колегите од Грција и ги прашав дали можеби не можат да причекаат неколку дена, меѓутоа одговорот на грчката влада беше дека тие ќе го поднесат барањето, меѓутоа знаат дека Европскиот совет не може веднаш да одлучи.“

Нема загриженост околу еврото

Papandreou Griechenland Hilfeersuchen

Грчкиот премиер Јоргос Папандреу призна дека Атина не може сама да излезе од должничката криза

Претседателот на Сојузната банка, Аксел Вебер, ниту во ситуација кога Атина признава дека сама не може да се справи со долговите, не гледа опасност за зедничката европска валута, еврото. „За еврото нема проблеми“, истакна Вебер пред почетокот на пролетниот состанок на ММФ во Вашингтон: „Сметам дека секаква дискусија за излез на една земја од еврозоната е целосна утопија. Еврото и натаму останува атрактивна валута за сите земји-членки на еврозоната и мора да се каже дека заедничката валута значително придонесе за стабилизирање на еврозоната, во вакви тешки економски времиња.“

Грчките долгови да не паднат на грбот на европските граѓани

Опозицијата, пак, загрижена околу последиците што финансиската помош ќе ги има за Германија. Карстен Шнајдер од СПД: „Тука се крие огромен експлозивен материјал, во смисла дека финансиската помош за Грција може да ја чини Германија многу, многу скапо.“

Левицата се стави во одбрана на даночните обврзници. Европските граѓани не треба да бидат единствените што ќе плаќаат за спас на грчкиот буџет. Гезине Леч истакнува:

Symbolbild Finanzhilfe Finanzpaket Griechenland

Грција преговара со ЕУ и ММФ за 40 милијарди евра помош

„Во наш интерес е да и` помогнеме на Грција, меѓутоа бараме помош што ќе биде долгорочна и бараме банките, кои заработуваат од кредитите што и` ги доделуваат на Грција, исто така да дадат придонес. Товарот за спас на грчкиот буџет не смеат да го сносат единствено даночните обврзници“, истакна Леч.

Државниот долг на Грција изнесува околу 300 милијарди евра, а до крајот на годината Атина треба да собере 54 милијарди евра за покривање на долгот и буџетскиот дефицит.

Европската унија веќе претходно вети дека во случај на нужда на Грција за тековната година ќе и додели итни кредити од 30 милијарди евра.

Автор: ТТ/АТ/дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM