1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Грција се уште гори

Бројот на настраданите во пожарите во Грција расте. Пожарникарите веќе чеврти ден се борат со огнената стихија која голта се пред себе.

default

Хеликоптер исфрла вода над „Олимпија“

Бројот на настраданите во пожарите во Грција се искачи над 60. Пожарникарите во неделата открија нови пет жртви на најпогодениот полуостров Пелопонез. Уште пет лица настрадале на островот Еубоа. Една жена загинала во пожарите во близина на античккиот град Древна Олимпија. Пожарникарите со сите сили го спасуваа местото каде започнале првите олимписки игри. Проблем беше ветрот кој го ширеше огнот. Синоќа и првите пламени се појавија и во античкиот град. Грчкиот министер за култура веднаш замина на местото. Му олесна по она што го виде.

“Музејот е недопрен од пламенот. Исто така и античкиот град и стадионот”, изјави Вулгаракис. Веднаш потоа се слушнаа викање. "Паркот гори". Всушност изгоре зелениот обрач околу музејот, односно ридчето Кронос каде традиоционално се пали олимпискиот оган за секоја Олимпијада. Цела вечер пожарникарите гаснеа без престан, бидејќи огнот им се закануваше на селата околу античкиот град. Успеаа да го спасат културното наследство.

Грчката владата којашто деновиве е критикувана за лошо менаџирање на кризата, е во потрага по подметнувачите на пожарите. Понудени се високи суми – еден милион евра - за секој кој ќе понуди информација што ќе води до пироманите.

Истовремено грчкиот премиер Костас Караманлис апелираше до сите Грци да помогнат во борбата за гаснење на пожарите. Неговиот избор на зборови јасно отсликува колку е сериозна ситуацијата:

“Татковината ни припаѓа на сите нам. Татковината им припаѓа и на идните генерации. Наша обврска е да ја заштитиме, без да мислиме само на себе”, рече Караманлис.

Илјадници луѓе мораа и изминатата ноќ да ја поминат во привремени сместувалишта. Нивните куќи или изгореле или тие морале да бидат евакуирани од селата. Не се знае до кога ќе биде така, бидејќи се уште многу пожари се надвор од контрола. Во меѓувреме на помош пристигнаат и пожарникари и противпожарна опрема од странство.

Лошата вест е дека метереолозите не предвидуваат неделава да падне дожд во Грција. Остануваат високите температури. На пожарникарите ќе им бидат потребни денови додека конечно ги стават под контрола се уште активните 89 пожари кои четири дена беснеат во земјата.