1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Грција се однесува ирационално“

„Ова е ирационален спор, веќе одвај сфатлив; една приказна за Давид и Голијат, а ние сме тука Давид“, вели Антонио Милошоски, министер за надворешни работи на Македонија, во интервју за „Зиддојче цајтунг“.

default

Македонија се стреми кон НАТО и ЕУ, но во тоа со години е блокирана од Грција поради спорот околу името, им објаснува весникот на читателите во уводот на интервјуто.

На прашањето дали за Македонија отвора надеж фактот дека Грција сега има реформски настроен премиер, Милошоски, покрај другото, вели: „Со Папандреу добивме повеќе термини за фотографирање, повеќе насмевки, подобри зборови, но фактички нема никакво придвижување. Грција зборува за национални црвени линии. Црвената не е боја на компромис.“

Што би можела тогаш Македонија да стори? „Ние немаме доволно тежина за да ја убедиме Грција. Така нашата европска перспектива е земена во заложништво“, вели шефот на македонската дипломатија.

Според Привремената спогодба не треба да биде блокирано членството во меѓународни институции под референцата ПЈРМ, па Македонија се обрати до Меѓународниот суд на правдата, објаснува Милошоски.

Тој избегнува конкретен одговор за тоа каков компромис би бил можен, не очекува никаков сигнал ни од претстојниот ноемвриски самит на НАТО, но предлага „паралелно да се одвиваат“ преговорите со Грција, како и за пристап кон ЕУ, „така што новото име да важи дури со влегувањето на Македонија во ЕУ. Така можеме да ја надминеме недовербата кон Грција“, образложува министерот.

За вртењето на Македонија кон антиката, Милошоски нуди вакво објаснение: „Колку повеќе Грција ја претставува историјата како забрането овошје за нас, толку беше поголема мотивацијата да кажеме дека ние не сме народ без корења. Можеби е тоа комплекс на помали нации. Мислам дека национализмот на една страна може побуди национализам и кај другата“.

Запрашан за актуелната дебата во Европа околу улогата на муслиманите Антонио Милошоски вели: „Во Македонија исламот не е новост. Ние сме модел за интеграција без асимилација. Тоа не е секогаш идеално, но функционира. Има и респект, но и предрасуди. Во Германија и во Европа исламот е нешто ново, туѓо. Можеби германското општество треба да се потруди да го заборави зборот гастарбајтери, по 40 години семејствата со својата култура и религија овде се дома и така ќе остане засекогаш“, нагласува министерот за надворешни работи на Македонија во интервјуто за „Зиддојче цајтунг“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ известува за вчерашното (четврток, 07.10.2010) обраќање на грчкиот премиер Јоргос Папандреу и неговата оцена дека и 2011 ќе биде критична за Грција, како и дека владата лани наследила буџетски дефицит од речиси 15 проценти, а не како што се тврдеше досега, 13,6 или 13,8 проценти. Позитивни моменти за Папандреу се што Кина и емиратот Катар потпишаа инвестициски договори, со што станаа стратегиски партнери на Грција. „Како последица на мерките за штедење Грција, за разлика од другите држави на континентов, и натаму е во длабока рецесија. Расте и бројката на невработените. Владата смета дека таа би можела да порасне на 14,5 проценти, што би била највисока стапка за последната деценија“, известува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Кон партнерство со Кина се стремат и други. „Кина и Турција долго време меѓусебно се игнорираа, сега сакаат да започнат ера на соработка“, пишува „Зиддојче цајтунг“ по повод денешната посета на кинескиот премиер Вен Џијабао на Анкара. На нивното приближување други гледаат со недоверба, констатира весникот и вели: „Заедничките маневри на воздухопловствата на двете земји над Анадолија, во септември, предизвика иритации кај САД. Вашингтон се чини бил налутен дека Турција веќе не го кани Израел на заеднички маневри, а истовремено вежба со Кина“. Во написот е пренесена и оцена од турски весници дека Турција сака активно да учествува во креирањето на регионот и „да ги следи нејзините национални интереси, ако е нужно дури и независно од блискиот сојузник, Вашингтон“.

Автор: Зиддојче цајтунг, ФАЦ

Обработка: Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска