1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција се надева на „зелено светло“ од ЕУ министрите

Денеска на Кипар почна состанокот на министрите за финансии на ЕУ. Главна тема ќе биде должничката криза, а во особено непријатна позиција е Грција поради тоа што ќе се разгледува нејзиниот план за штедење.

Грчката европарламентарка Мариета Јанаку не гледа никаква причина за сомневање во намерите на грчката влада.

„Од една страна сакаме да заштедиме што е можно повеќе, а од друга да одржиме минимум социјални издатоци. На пример, за здравствениот систем кој е загрозен поради постојните мерки за штедење“, вели Јанаку.

Големо прашање е дали владата во Атина до денеска (14.09) ќе постигне договор. Пред претставниците на меѓународната тројка кредитори, министерот за финансии Јанис Стурнарис веќе претстави цела низа мерки за штедење во износ од 17 милијарди евра. Тоа е многу повеќе од првично предвидените 11,6 милијарди евра. Логиката на понудата е во тоа што им е оставено на претставниците на Тројката да одлучат каде да се штеди, а до отфрлат она што е прекумерно. Единствен проблем е што претставниците на тројката се сомневаат дека бројките кои им ги нуди грчката влада се реални, а уште помалку остварливи. Оттука и нивната скепса во однос на предлогот. Грчката влада и претходно нудеше заштеди, но не ги реализираше.

Се’ е театар!

Лидерот на опозициската грчка Левица, Никос Кунтис има своја верзија за случувањата: „Мерките за штедење одамна се договорени, а грчката влада само одолговлекува за да создаде впечаток дека се спротивставува на ’диктатот’ кој стигнува од Брисел“, вели тој.

„Сето ова е само претстава. И пред изборите во јуни знаевме дека масовно ќе се намалуваат платите, пензиите и социјалната помош. Денешните партнери во власта тоа одамна го потпишаа“, смета Кунтис.

Тој и неговата партија се единствени на политичката сцена кои се противат на курсот на штедење, и тоа според анкетите им носи голема популарност меѓу граѓаните. Веднаш зад нив, според растот на партискиот рејтинг, се десните радикали, а голем пад бележат владејачките партии, пред се’ Пасок.

Кредитите за рекапитализација на банките

Доколку Грција сепак ги спроведе бараните мерки, тоа би значело дека досега се реализирани две-третини од реформите кои се услов на меѓународните кредитори. Сепак, владата има проблем да им ја објасни на граѓаните целта на мерките за штедење. Една од причините е и тоа што од новата транша помош која Грција ќе ја добие, околу 30 милијарди евра ќе отпаднат на трошоци за рекапитализација на банките. Тоа е уште еден повод за критики од Никос Кунтис.

„Тоа само го потврдува она што го говориме. Од новите кредити профитираат првенствено банките и тоа на сметка на даночните обврзници. Реалното стопанство нема да добие ништо од тие пари“.

Левицата и радикалната десница поради тоа ги повикуваат граѓаните на протести. Деновиве на улиците ќе излезат лекарите, учителите, општинските службеници, па дури и војниците и полицајците. На Грција во текот на септември и’ се заканува генерален штрајк.