1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција посегна по помошта од ЕУ и ММФ

Веќе е јасно, Грција не може со сопствени сили да ја надмине тешката должничка криза. Владата во Атина денеска и официјално поднесе барање за финансиска помош од ЕУ и од ММФ. Тие соопштија дека ќе дејствуваат бргу.

default

Грчкиот премиер Јоргос Папандре порача: „На Грците им претстои нова одисеја“

Поради драматичната финансиска ситуација во Грција, работите се одвиваат многу побргу отколку што првобитно се очекуваше. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу денеска официјално побара активирање на пакетот финансиска помош од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и од Европската унија. Пакетот треба да и помогне на Грција да излезе од кризата и да се справи во огромниот буџетски дефицит.

„Императив е дека бараме активирање на механизмот за помош“, рече Папандреу, за време на посетата на островот Кастелоризо. „На Грците им претстои нова одисеја, долго патување кое ќе бара многу жртви. Со заеднички напори ќе ја достигнеме целта“, порача Папандреу.

Можната помош изнесува 45 милијарди евра

Државниот долг на Грција изнесува 300 милијарди евра, а до крајот на годината Атина треба да собере 54 милијарди евра за покривање на долгот и буџетскиот дефицит.

Symbolbild Finanzhilfe Finanzpaket Griechenland

Пакетот финансиска помош за Грција предвидува 45 милијарди евра за тековната година

Европската унија веќе претходно вети дека во случај на нужда на Грција за тековната година ќе и додели итни кредити од 30 милијарди евра. Германија во оваа сума ќе учествува со повеќе од 8 милијарди евра. Меѓународниот монетарен фонд треба да помогне со уште 15 милијарди. Каматните стапки за овие средства треба да бидат значително помали од пазарните каматни стапки, кои во дел достигнаа и десет проценти. Поднесеното грчко барање за помош, сега мораат да го проверат Европската унија, Европската централна банка и ММФ.


Одлука за активирање на помошта веќе за време на викендот?

Европската комисија соопшти денеска дека државите од Еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд, ќе дејствуваат „брзо“ во одговор на барањето на Грција за милијарди евра заеми за надминување на финансиската криза во таа држава. „Се ќе биде направено брзо и ефективно“, изјави портпарол на еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен. И шефот на ММФ, Доминик Строс-Кан попладнево порача дека Фондот се подготвува да реагира експедитивно во врска со барањето на Грција.

Конечната одлука за активирање на пакетот финансиска помош би можела да падне веќе за викендот во Вашингтон каде на Годишното Собрание на ММФ ќе се соберат и голем број министри за финансии и гувернери на централните банки на земјите од ЕУ. Потоа за тоа согласност треба да дадат и шефовите на држави или на влади на членките на ЕУ, но тоа не мора да биде направено на Самит туку е доволна и телефонска конференција. Грција очекува да ја добие првата транша од заемот пред 19 мај, изјави денеска грчкиот министер за финансии Јоргос Папаконстантину.

Меркел: Стабилноста на еврото е врвен приоритет

Грција мора да претстави издржана програма за штедење пред земјите од Еврозоната да и понудат помош за надминување на должничката криза, порача денеска германската канцеларка Ангела Меркел. Откако Грција ќе го стори тоа, рече Меркел Европската Комисија, Европската Централна Банка и ММФ ќе треба да утврдат дали актуелната ситуација ја загрозува стабилноста на еврото во целина со што ќе биде неопходно да и се обезбеди програма за помош на Грција, изјави Меркел

„Стабилноста на нашата заедничка валута е прв приоритет и планот за штедење на Грција треба да биде апсолутно издржан“ , истакна канцеларката.

Автор: СН/АТ/ртре/ард/дв

Редактор: Александра Трајковска

DW.COM