1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција повторно избегна банкрот

Министрите за финансии на еврозоната го одобрија новиот пакет финансиска помош за Грција во висина од 130 милијарди евра. Приватните доверители ќе треба да отпишат поголем дел од долговите отколку што беше планирано.

Кратко пред заканувачкиот државен банкрот, Грција добива нови кредити од 130 милијарди евра. Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен утрово во Брисел изјави: „Ноќеска повторно научив дека зборот маратон има грчко потекло, но на крајот сепак постигнавме договор“.

Eurogruppe EU Finanzminister Treffen Brüssel Juncker Lagarde

Шефот на Еврогрупата Јункер и шефицата на ММФ Лагард

По повеќе од дванаесетчасовни советувања, министрите за финансии на земјите од еврозоната договорија и построги контроли на грчката политика, како и воведување посебно конто од кое ќе бидат покривани долговите.

Притоа, приватните доверители, пред се‘ банките, осигурителните друштва и хеџ фондовите треба да сносат поголем товар отколку што досега се планираше. Според шефот на Еврогрупата, Жан Клод Јункер, тие би требало да се откажат од 53,5 проценти од своите побарувања кон Грција: Претходно беа предвидувани 50 насто, што за Атина би значело растоварување од 100 милијарди евра.

Задолженоста до 2020-та година-120 проценти од БДП

Но, и договореното не е доволно за намалување на сегашниот грчки долг од 350 милијарди евра на 120 проценти од бруто домашниот производ до 2020-та година. Во повеќекратни тешки преговори паралелно со министерската средба, конечно попуштија и приватните доверители. Отписот на грчките долгови од страна на банките беше предуслов за учество на ММФ покрај ЕУ во програмата за помош на Грција.

Со тоа Грција повторно во последна минута се спаси од банкрот. На 20-ти март во Атина стигнуваат за плаќање 14,5 милијарди евра, кои Грција меѓутоа ги нема. Во 2010-та година на задолжената земја веќе и‘ беше одобрен сличен пакет помош во вид на итни кредити од европските партнери и ММФ од 110 милијарди евра.

Lucas Papademos und Evangelos Venizelos Treffen EU Finanzminister Brüssel

Премиерот Пападимос и министерот за финансии Венизелос

Во иднина-постојано надгледување на Грција

Еврогрупата инсистираше на поголемо учество на приватните доверители во санацијата на грчките финансии. Макотрпните прегововори со ММФ траеја со месеци. Пакетот помош е поврзан со цела редица документи за политички реформи и задачи на грчката влада. Таа на пример треба да ги скрати минималните плати и пензиите, преку реформа на даночниот систем да се погрижи за поголеми приходи, а со отворањето на досега затворените и строго регулирани пазари да овозможи поголем развој.

Договорено е отворање посебна сметка на која ќе се собираат парите за отплата на каматите и долгот на Грција, но до која грчката влада нема да има пристап. Спроведувањето на мерките и условите во иднина ќе биде перманентно надгледувано од експертска група на Европската комисија, ММФ и Европската централна банка, а не спорадично, што беше случај досега.

Автор: ЖА/ АТ/ дв/ дпа/ ртре/ афп

Редактор: Александра Трајковска