1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција: Од лулка на демократијата, до лулка на европската криза

Изборниот резултат во Грција предизвикува загриженост во цела Европа. Санирање на буџетот не е на повидок, смета Спирос Москову во коментарот.

default

Наместо досегашните пет, во грчкиот парламент се застапени седум политички партии, од кои ниедна не собра повеќе од 20 проценти од гласовите. За стабилна коалиција значи се потребни најмалку три партии. Кои би биле тие и во ваква констелација, се‘ уште е целосно нејасно.

Тоа што двете големи партии, конзервативната Нова Демократија на Андонис Самарас и социјалистичкиот Пасок на поранешниот министер за финансии Евангелос Венизелос веќе не располагаат со сопствено мнозинство, е вистинскиот шок од изборите. Нивниот политички курс изминативе неколку месеци се покажа како како целосен ќорсокак: тие во ноември 2011. година формираа коалициона влада предводена од непартискиот банкар Лукас Пападимос само принудно и под значителен притисок на меѓународните партнери и инвеститори. Нејзината цел требаше да биде да ги постави темелите на новата политика на штедење и структурните реформи. Но, несаканите коалициони партнери уште тогаш договорија привремената влада на Пападимос да ја води до банкрот доведената земја до што е можно побрзо одржување нови избори.

Тоа не беше државничка мудрост: да се организираат избори иако не е нужно, во време на рецесија кога народот страда од напорите за штедење и на крајот на тунелот не се наѕира светлина, кој тогаш би се чудел на ваквиот исход? Се чини како горка иронија: сега, кога Пасок и Нова Демократија конечно сакаат да состават коалициска влада, гласовите на изборите не се доволни!

Deutsche Welle Spiros Moskovou

Спирос Москову, автор на коментарот

Отпор против политиката на штедење

Мандатот за состав на нова влада прво го доби Самарас, како шеф на најсилната пратеничка група, според уставот, но брзо и го врати, зашто не успеа заедно со Пасок да состави влада. Сега на ред е второпласираната партија-Сојузот на радикалната левица Сириза на демагогот Алексис Ципрас, која бара итно истапување од договорите со меѓународните кредитори на земјата. Тоа не навестува ништо добро за Европа. За две недели т.н. тројка, составена од претставници од ММФ, ЕУ и ЕЦБ, требаше да допатува во Атина и да ги провери напредоците на земјата во штедењето, сега може да се случи експертите да не знаат со кого да разговараат.

На двете најголеми грчки партии сега им се одмаздува грешката од минатото: со децении економски ја уништија земјата. Тие не го искористија разумно ниту принудниот брак од минатите месеци: наместо барем да го иницираат потребниот национален консензус, постојано како предуслов за цеслоно решение на сите проблеми го истакнуваа добивањето нов мандат.

Нова Демократија дури потхрануваше надежи за можност од итни нови преговори со меѓународните кредитори. Но, гласачите не го наградија ваквиот курс: наместо тоа се свртија директно кон партиите кои ширеа порадикални надежи - имено, анулирање на сите обврски кои Атина ги презеде изминатите две години.

Се‘ поголем број апстиненти од гласањето

Ситуацијата во Грција станува се‘ понепредвидлива, што се одразува и врз политичката стабилност. Доколку не се формира стабилна коалиција, неизбежни се нови избори. Истовремено, голем дел од општеството се‘ повеќе страда од последиците на ригидната политика на штедење, која засега нема позитивни резултати.

Познато е каков прилив е можен за радикалните леви и десни партии на нови избори. Притоа, се‘ повеќе Грци и‘ вртат грб на политиката. На последниве избори веќе 35 проценти граѓани не излегоа на гласање. Грција некогаш беше лулка на демократијата. Денес, се чини, таа е лулка на кризата во Европа.