1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грција на чело на ЕУ – минерална вода наместо пенливо вино

Од вчера на чело на Советот на ЕУ се наоѓа Грција. Во текот на следните шест месеци оваа земја ја очекуваат големи предизвици и нови задачи. Додека многумина на ова гледаат со сомнеж, Грците се оптимисти.

Грција и натаму се наоѓа во длабока економска криза. Невработеноста од 27 проценти е на рекордно ниво. Даноците се зголемуваат, а јавните трошења се намалуваат. На нејзиниот грб и натаму лежи товарот од долгот од стотина милијарди евра. Ситуацијата бавно се подобрува.

„И покрај индициите дека работите сепак се придвижуваат кон подобро, ситуацијата во која се наоѓаат обичните луѓе во Грција сѐ уште е катастрофална“, оцени пратеникот во грчкиот Парламент Константинос Карагкунис, кој е член на владејачката конзервативна партија. „Мораме да излеземе на крај со една исклучително тешка ситуација. Претседавањето со Советот на ЕУ за нас ќе биде голем предизвик“, додаде тој.

Во шестмесечното претседавање со ЕУ Грците ќе мораат да водат стотина состаноци и сложени преговори, но и да организираат 13 состаноци на министрите од ЕУ во Атина.

Тројката останува и натаму присутна

Antonis Samaras EU-Logo

Самарас оценува дека на грчката економија и оди подобро

Многумина Грци како окупација ја доживуваат сеопфатната контрола над нивниот буџет од страна на таканаречената Тројка, составена од претставници на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Тројката на Грција ѝ стави на располагање 50 милиони евра, за да може да ги покрие трошоците до кои ќе дојде за време на претседавањето со Советот на ЕУ.

„Тоа не е многу. Всушност би можело да се рече дека Грција доби само 50 милиони евра“, коментираше европратеникот Јорго Шацимаркакис, додавајќи дека Грција во текот на следните шест месеци ќе има на располагање буџет кој е за 40 проценти помал од буџетот кој го имаше досегашниот претседавач со Советот на ЕУ – Литванија. „Но, Грците во меѓувреме се навикнаа на штедење, така што сум сигурен дека тие би можеле да постават нов стандард по прашањето на трошоците за време на претседавањето со Советот на ЕУ“, додаде Шацимаркакис.

Грчкиот министер за европски прашања Димитрис Куркулас дури најави дека сака да потроши и помалку од расположливиот буџет. „На состаноците може наместо пенливо вино да се пие минерална вода“, рече еден од вработените во грчкото претставништво во ЕУ.

Теми во фокусот развој, миграции и избори за Европскиот парламент

Со оглед на изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат на крајот на мај, грчкото претседавање всушност ќе трае само три месеци. До почетокот на април би требале да завршат сите советувања по прашањето за носење нови закони.

Во следните шест месеци се очекува Грција да се ангажира околу банкарската унија, заштитата на податоците, политиката кон бегалците и секако, веќе и од сопствен интерес, за економскиот развој. Планиран е голем состанок во Атина на шефовите на владите од Африка.

Porträt Alexis Tsipras

Ципрас сака да биде на чело на Европската комисија

Исто така, како што наведува Андреас Папаставрос, заменик-амбасадор на земјата во ЕУ, изборите за Европскиот парламент и изборната кампања ќе бидат важни за Грција во текот на претседателствувањето.

„Европа се наоѓа на раскрсница, имајќи в предвид дека Европејците полека ја губат довербата во основните вредности на Европа. Недовербата се чувствува во големите, односно главните градови во ЕУ. Затоа Грција нема да може да се ограничува само на вообичаените задачи, туку ќе мора да даде свој придонес во расправата за иднината на Европа“, најави Папаставрос.

Владата во Атина стравува дека претстојните избори за Европскиот парламент би можеле да предизвикаат нов бран на протести против мерките за штедење, кои ги диктира споменатата Тројка. Шефот на грчката опозиција, левичарот Алексис Ципрас сака од парламентот во Атина да прејде во Европскиот парламент, па дури се кандидира и за позицијата шеф на Европската комисија.

Грчкиот премиер Антонис Самарас од летото храбро порачува дека ситуацијата во Грција се подобрува, благодарејќи на зголемените даноци и новиот даночен систем.

„Грција го направи тоа што Тројката го бараше од неа. Грција започнува со претседавањето со Советот на ЕУ со надеж за една подобра Европа, за подобра иднина“, нагласи Самарас.

Но, Тројката смета поинаку. Во своите последни извештаи таа наведува дека Грција не ги исполнила сите барања за спроведување реформи. Затоа засега не и’ е одобрен нов кредит.

Поврзана содржина