1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција може да заработи од отпадот

Собирањето отпад е еден од најголемите проблеми на грчките општини. Со германска помош треба во следните години да се изгради систем за ефикасно управување со отпад. На тој начин општините би можеле да заработат пари.

Ако се прашаат грчките градоначалници кои им се најголемите проблеми, тогаш на прво место ќе биде отстранувањето на отпадот. Целата земја е полна со депонии. Една се затвора поради пренатрупаност и се отвора нова. Дека ова не е решение признаваат самокритично се’ повеќе локални политичари. Особено е лоша ситуацијата во градот Триполис на Пелопонез, признава градоначалникот Јанис Смирниотис.

„Ние располагаме со големи трошоци поради отпадот. Можевме да направиме пари од него, наместо да трошиме средства на отпадот“, вели градоначалникот Смирниотис.

Да не се повторат грешките на Германија

Идејата дека може да се заработи со отпадот веќе неколку месеци ја пропагира Ханс Јоаким Фуктел на Крит, егејските и јонските острови. Државниот секретар во германското министерство за труд е задолжен од страна на канцеларката Ангела Меркел за создавање партнерство меѓу германските и грчките општини. Неговиот најзначаен аргумент за германско-грчката соработка во отстранувањето на отпадот е – грешките коишто ги направи Германија не треба да се повторат.

„Пред 30 години Германија беше во потрага по начини како ефикасно да се организира отстранувањето на отпадот. Додека откривме како да се направи, потрошивме многу пари“, вели Фуктел и додава дека грчките општини можат да го користат германското искуство за наоѓањето сопствени решенија.

Müll auf den Straßen in Griechenland

Грција е претрупана со отпад

Експерт во областа на отстранувањето отпад е и Герхард Бауер. И тој смета дека Грција може да профитира во некои области од искуството на Германија.

„Таму се работи за прашањето за собирањето на ѓубретарината. Системот во Грција не дава поттик да се намали отпадот“, смета Бауер.

Финансирање - да, но без одек кај граѓаните

Преку селектирањето на отпадот, како што е лесното пакување, стаклото, хартијата, разградливото ѓубре и останатиот отпад, во различни канти за отпадоци, тој може да се обработи во профит. Колку помалку домаќинството ќе продуцира останат отпад, толку помали ќе бидат кантите за отпадоци и ѓубретарината.

Оваа шема може да биде од интерес за Грција. И покрај економската криза и намалувањето на буџетот, општините би го гарантирале финансирањето на изградбата на таковиот систем, убеден е Костас Симицис. Општините можат да влезат во партнерство со приватните инвеститори и да се потпрат на финансирањето од европските фондови за развојни урбанистички проекти.

Сепак, ваквите проекти ќе се соочат со противењето на граѓаните, смета Симицис. Согорувањето на отпадот ги загрижува нив. Недовербата кај Грците е поради емисијата на штетните гасови. Тие стравуваат дека граничните вредности би можеле да бидат надминати. Досегашните обиди да се инсталира таков систем на отпад наидоа на одбивање на локалните заедници, вели Симицис.

„Особено тука ни е потребен советот од Германија. Како таму општините постигнаа толку голема прифатеност од страна на граѓаните?“, се запрашува Симицис.