1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грција: „Луѓе сме, а не бројки“

Грците денеска (16.07) стапија во 24 часовен генерален штрајк и протести против строгите мерки за штедење на владата на премиерот Андонис Самарас и планираните масовни отпуштања во јавниот сектор.

Под мотото „Генерален штрајк - луѓе сме, а не бројки“ денеска вработените во јавниот сектор и железницата во Грција ги напуштаат работните места. Се очекува застој и во воздушниот сообраќај. Фериботите би требало редовно да сообраќаат.

Штрајкот, организиран од двата големи синдиката во земјата, се оддржува непосредно пред планираното гласање во парламентот во Атина, со кое треба да се одобрат барањата на меѓународните донатори. За да ја добие следната транша финансиска помош високо задолжената евро-земја мора да докаже дека е постигнат напредок во реформите, меѓу нив и натамошни кратења во јавниот сектор. До крајот на 2014 година предвидено е да бидат отпуштени 15.000 државни службеници, 4. 000 од нив уште оваа година. Освен ова треба да биде воведен данок за луксузни автомобили и за куќите со базени.

Гласањето во грчкиот парламент се смета за проба за коалиционата влада на премиерот Андонис Самарас и вицепремиерот Евангелос Венизелос. Владината коалиција имено има тесно мнозинство во 155 пратеници од 300 народни избраници во парламентот во Атина.

Вчера во Атина полицајци и државни службеници предизвикаа хаос во сообраќајот оддржувајќи т.н. корзо со автомобили и мотоцикли. Свиреќи тие минуваа крај канцелариите на владеачките коалициони партии, а потоа возеа низ центарот на главниот град на Грција.

Укинат имунитетот на Папаконстантину

Giorgos Papakonstantinou

Јоргос Папаконстантину

По повеќечасовна ноќна дебата парламентот рано утрово со големо мнозинство му го укина имунитетот на поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину. Политичарот на ПАСОК мора да одговара пред правосудните органи во земјата поради скандалот со листата со наводни даночни грешници. Посотои сомневање дека Папаконстантину ги избришал од листата имињата на тројца негови роднини. Екс министерот ги отфрла обвинувањата.