1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција - клиники пред колапс

Вообичаено тие служат далеку од Грција – во Африка или јужно-американските сиромашни квартови. Но, грчките лекари од хуманитарната организација „Лекари од светот“ од пред неколку месеци се ангажирани во својата земја.

Дијабетичарот Стефанос Спартинос во поликлиника во пристанишниот град Пиреја добива помош, која му е неопходна - тест за нивото на шеќерот во крвта или нов рецепт. За 56-годишникот нема друго место каде би можел да појде. Лековите што ги добива се донација.

„Без ’Лекарите од светот’ јас веројатно веќе ќе бев мртов“, вели дијабетичарот Стефанос Спартинос.

За сиромашните постои социјална книшка, но за да ја користат треба да ги платат сите долгови во даночната управа. На оној кој не може да го направи тоа, му остануваат само црковните и социјални медицински иницијативи.

Третина од Грците во меѓувреме се исклучени од државната здравствена заштита. Ургентна состојба, која веќе не ги погодува само најсиромашните од сиромашните. Многу пациенти на дијализа, со рак или СИДА, како и фамилии на кои им требаат само рутински медицински контроли, веќе не доаѓаат. Вака на земјата и’ се закануваат епидемии, предупредува Атинската медицинска асоцијација.

„Како педијатар морам да ви кажам дека се‘ повеќе деца немаат ниту основна вакцинација. Тоа значи дека родителите кои немаат за јадење не ни размислуваат да ги вакцинираат своите деца, бидејќи за тоа мора да се плати“, предупредува Елени Дулианаки од Атинската медицинска асоцијација.

Ärztin auf Krankenhausflur

Докторите предупредуваат на можни епидемии

Во меѓувреме и болниците се исправени пред дилема. Големите фармацевтски концерни не испорачуваат повеќе лекови. Државата им должи две милијарди евра. Најмногу недостасуваат шприцеви, ракавици и ампули. Мораа да се одлагаат и операции.

Мирин Фасулакис работи од пред 20 години во хируршкиот оддел на атинската болница Елпис. Вакви услови докторот до сега нема доживеано.

„Ова е навистина лошо. Лошо е на пациентите, кои зависат од тебе, да не може да им се помогне соодветно. Во меѓувреме дојдов до крајот на моите сили. Мојата плата драстично е скратена. Од пред девет месеци работам прекувремено без за тоа да ми се плати, бидејќи веќе нема нови вработувања“, забележува докторот Мирин Фасулакис.

Стефанос Спартинос се сместил кај сестра си. Тој и сопругата повеќе не можат да ја плаќаат киријата. Невработениот не може да си купи неопходни лекарства за третман на тешката форма на дијабетис ниту за една недела. Ако седи со пријателите или роднините, тогаш има само една тема за разговор – како да се преживее како тешко болен во Грција?

„Навистина не знам што ќе биде. Немам само дијабетис, туку и зголемен крвен притисок и психички проблеми. Видете го моето стапало. Ова доаѓа од дијабетисот. Ова би морало да се оперира, но тоа не можам да си го дозволам“, вели дијабетичарот Стефанос Спартинос.

Стефанос Спатинос е еден од милионите пациенти во Грција, кои повеќе не можат да се надеваат на државна помош.