1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Грција и Македонија регионално сепак си подаваат рака

Спорот за името е едно, регионалната соработка друго. Македонија и Грција преку ЕУ и ИПА програмата со години спроведуваат заеднички проекти. Луѓето од двете страни на границата велат дека животот ја потиснува политиката

Две децении на меѓународна политичка сцена се бара решение за спорот за името. И покрај затегнатите дипломатски односи меѓу Македонија и Грција, граѓаните од соседните региони соработуваат. Статистиката потврдува дека Грција е втор економски партнер и најголем инвеститор во Македонија, а минатата година економската размена достигнала до една милијарда американски долари. Гарант и двигател на соработката, преку разни повици и фондови, е Европската унија. ИПА-прекуграничната програма меѓу Република Грција и Република Македонија, на пример, за периодот 2007 – 2013 година се спроведува под мотото „Од соседство до партнерство“.

Од грчка страна вклучени се општините: Лерин, Постол, Кукуш, Серес и Солун, а од македонска: Пелагонискиот, Вардарскиот, Југоисточниот и Југозападниот плански регион.

Mazedonisch-Griechische Zusammenarbeit

Катерина Самоковли и Мартин Клоке во Охрид (втора и прв од десно)

„За овие региони се предвидени околу 31, 5 милиони евра за прекугранична соработка, регионален и одржлив локален развој. Тоа е потврда дека соработката меѓу народите е неизбежна и добредојдена,“ вели македонскиот министер за локална самоуправа Тахир Хани.

Кој ќе ја добие поддршката од ЕУ по третиот ИПА-повик?

Според Мартин Клоке, оперативен директор при делегацијата на ЕУ во Скопје, предизвиците со кои се соочуваат луѓето, како што се поплави или шумски пожари не се ограничуваат со граници: „ Луѓето, без разлика каде живеат, посакуваат чист воздух, безбедна средина, полесен пристап до здравствена заштита, образование за децата, повеќе можности за вработување. Нашите надежи и стравови за иднината се безгранични. Бришењето граници и зближувањето меѓу луѓето е мотото на ЕУ. “

„ Од вкупно 38 регионални проекти, до крајот на годинава ќе завршат 18. За нив се издвоени 15 милиони евра. На третиот повик за прекугранична соработка стигнаа 150 предлог проекти, а наскоро ќе одлучиме кои ќе бидат финансирани.

Mazedonisch-Griechische Zusammenarbeit

Никола Бакрачески, Власис Нинос и Стојче Митрески за време на обуката во Охрид

Сите проекти активно го подобруваат секојдневниот живот во прекуграничните области, креираат работни места, ја штитат животната средина, ги подобруваат службите за здравство и инвестираат во инфраструктурата и во развивањето на локалната економија“, оценува Катерина Самоковли од Министерството за развој и конкурентност на Република Грција .

Охрид за Грците од пограничните региони е често посакувана туристичка дестинација. Општината, веќе има позитивни искуства во соработката со грчки партнери и тамошниот невладин сектор. Се продолжува во ист стил. „Во ИПА програмата конкурираме со неколку проекти: промоција на воднотo богатство и изградба на инфраструктура поврзана со водата, развој на алтернативни форми на туризам, преку изградба на велосипедски и планински патеки, промоција на културното наследство на Охрид со изработка на 3Д мапа на религиозни објекти и унапредување на вработување на младите со програма за обука“, вели градоначалникот Никола Бакрачески.

Животот ја потиснува политиката

Каридологот Власис Нинос од Солун неодамна во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид одржа обука за лекарите кои ќе оперираат со помош на новата опрема за интраваскуларен ултразвук. Д-р Нинос заедно со актуелниот градоначалник Бакрачески, кој по професија е каридолог, ја изведоа првата интервенција. И во културата полека се пробива патот. По повод Денот на Европската територијална соработка како дел од 165 локални настани во 145 градови во повеќе од 30 земји, по Воден – Грција, во Охрид беше отворена фото изложбата „Ние припаѓаме овде: Животот, луѓето и природата во прекуграничниот регион“. Од 100-те фотографии од регионот беа наградени тројца фотографи: Кицос Трифон, Батанцис Гијанис од Грција и Игор Јанкоски од Битола.