1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција и Италија под знак „итно“

Министрите за финансии на земјите од ЕУ денеска одржуваат состанок во Брисел. Централна теми на средбата ќе бидат ситуацијата во Грција и во Италија, како и техничката имплементација на Фондот за спас на еврото- ЕФСФ.

default

Од последната средба на министрите за финансии на ЕУ на крајот на октомври

Министрите за финансии на земјите членки на ЕУ мора да реагираат бргу. Со оглед на хаотичната ситуација во Грција и во Италија, одлуките усвоени на Самитот на ЕУ на крајот на октомври мора да се реализираат што побргу , смета германската канцеларка Ангела Меркел.

„Тоа пред се’ се однесува на планот за заштита од проширувањето на кризата. За тоа прашање би требало бргу да се проверат сите опции“.

Еврокомесарот за економска и монетарна политика Оли Рен вчера уште еднаш го засили притисокот врз Атина. Грција ја изигра довербата на своите партнери во еврозоната и прва направи чекор кон напуштање на заедничката валута. Грчкиот министер за финансии денеска (07.11) ќе мора да ги увери своите колеги од ЕУ дека Грција ги извлекла вистински поуки од актуелните турбуленции.

Griechenland Finanzkrise Regierungssitzung in Athen Finanzminister Evangelos Venizelos

Грчкиот министер за финансии Евангелос Венизелос треба да биде уверлив пред своите колеги

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле смета дека основното прашање гласи: „Грција сега мора да донесе јасна одлука - дали е подготвена и дали е во состојба да остане во Европската унија?“.

Еврозоната не смее да се најде во опасност

Исплатата на нова финансиска помош за Грција се’ уште е под голем знак прашање. Осум милијарди евра ќе бидат исплатени дури откако грчкиот парламент ги усвои предвидените реформи и мерките за штедење. Не останува уште многу време. Најдоцна до средината на декември на Грција и‘ се заканува банкрот, а последиците за европските партнери би можеле да бидат несогледливи.

Претседавачот со групата министри за финансии на еврозоната, Жан Клод Јункер пред денешниот состанок изјави: „Ќе сториме се’ заштитниот бран против ширењето на кризата да го поставиме така за еврозоната да не дојде во опасност од пропаѓање“.

Јункер притоа пред се’ мисли на мерките за оптимизација на Европскиот финансиски штит. Шефовите на држави или на влади на членките на ЕУ одлучија Европскиот фонд за финансиска стабилност да го зголемат на преку 1 билион евра. Главната цел е од кризата да се заштитат други земји и приватните инвеститотри, но како тоа точно ќе го изведат се’ уште не е јасно. На самитот на Г20 во Кан врз Германија беше вршен притисок во решавањето на кризата да помогне со девизните резерви на Сојузната емисиона банка, што таа го отфрли.

Италија под надзор на ЕУ и ММФ

А темпираната бомба и натаму отчукува. Министрите за финансии на ЕУ посебно ги загрижува Италија. Се’ додека во таа земја не биде усвоен веродостоен план за штедење , постои опасност од нејзина капитулација на финансиските пазари. Премиерот Силвио Берлускони во Кан мораше да ги прифати барањата Италија де факто да биде ставена под надзор на Европската Унија и на Меѓународниот Монетарен Фонд.

Уште во текот на оваа недела кон Рим ќе се упати група експерти на Европската унија.

Автор: Мартин Боне/ Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска