1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција има рок од три дена за следната транша помош

Грција има три дена за да ги увери своите кредитори дека може да ги исполни условите од спасувачката програма, за да ја добие следната транша од меѓународната финансиска помош, изјавија претставници на еврозоната.

Атина и нејзините кредитори ги обновија вчера преговорите за ослободување на транша во износ од 8,1 милијарда евра по двонеделниот прекин за време на политичката криза, предизвикана од одлуката за затворање на државната радио телевизија ЕРТ.

„Очигледно е општото незадоволство од напредокот во Грција, кога станува збор за реформите во државниот сектор, како собирањето на даноци или здравствените услуги“, изјави претставник на еврозоната, кој учествува во преговорите.

„Сите се согласни дека Грција треба да ги исполни условите пред состанокот на Еврогрупата, в понеделник. Поради тоа таа треба одново да ги претстави своите идеи в петок“, изјави друг претставник на еврозоната.

Министрите за финансии од еврозоната планирано е да се состанат на 8 јули и да дискутираат за ситуацијата во Грција.