1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Грција избегна банкрот

Парламентот на високозадолжената Грција го усвои новиот пакет мерки за штедење со тесно мнозинство. Тоа таканаречената Тројка го постави како услов за исплата на нови кредити.

При поединечното гласање, 153 пратеници од конзервативната Нова демократија и социјалистичкиот Пасок гласаа за пакетот мерки за штедење. Против се изјаснија 128 пратеници, додека 18 останаа воздржани. Спротивно на партиските определби гласаа шест пратеници од Пасок и еден од Нова демократија. Тие за казна веднаш беа исклучени од пратеничките групи и во иднина ќе се сметаат за независни пратеници. Во дебата која претходеше на гласањето, премиерот од редовите на конзервативната партија, Андонис Самарас, со жар апелираше до народните пратеници да го усвојат новиот пакет мерки за штедење. Според Самарас, се работи за историска и најважна одлука во последните децении, која Грција треба да ја спаси од излез од еврозоната:

„Со тоа земјата ќе се ослободи од фобијата на драхмата“, изјави Самарас.

И шефот на Пасок, Евангелос Венизелос, побара од пратениците да ги одобрат новите мерки на штедење. Третата коалициона партија во владата, Демократската левица, најави воздржаност.

Griechenland Sitzung im Parlament

Резултат од гласањето - 153 пратеници од конзервативната Нова демократија и социјалистичкиот Пасок гласаа ЗА

Во знак на протест поради натамошното стегање на ремените, грчките синдикати во вторникот (06.11) и вчера (07.11) повикаа на генерален штрајк. Училиштата, банките и државните служби останаа затворени, не функционираше ниту јавниот сообраќај. Погоден беше и голем дел од приватното стопанство.

Пред парламентот во Атина против владините мерки на штедење, кои земјата ја турнаа во длабока рецесија, протестираа околу 70 илјади луѓе.

На делумно маскираните насилници ноќеска им успеа дотогаш мирните демонстрации да ги претворат во хаос и безредија. Околу двесте нивни припадници фрлаа со молотови коктели врз полицајците. Полицијата употреби солзавец и водени топови за да се справи со насилните демонстранти. Илјадници луѓе во паника бегаа од плоштадот Синтагма во центарот на Атина.

Griechenland Finanzkrise Ausschreitung Protest in Athen

Околу двесте насилници фрлаа молотови коктели врз полицијата

Усвоениот пакет мерки за штедење, договорен со меѓународните кредитори, има волумен од 13,5 милијарди евра. Со него се предвидени, меѓу другото, зголемувања на даноците и натамошни кратења на пензиите. Државните службеници исто така ќе бидат погодени од намалување на платите и тоа за 20 проценти. Освен тоа, предвидено е и олабавување на одредбите за заштита од отпуштање од работа. Т.н. Тројка од ЕУ, Европската централна банка и ММФ со усвојувањето на новите мерки за штедење ја услови исплатата на новата транша финансиска помош за Грција во висина од повеќе од 31 милијарда евра, што е дел од програмата за спас на земјата. Без оваа финансиска инјекција, според зборовите на грчкиот премиер Андонис Самарас, Грција уште на 16 ноември ќе мора да прогласи банкрот.