1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Грција е закана за еврозоната

Министрите за финансии од земјите на еврозоната се советуваа околу грчките манипулации со статистиката и рекордните долгови. Зад нив се крие темпирана бомба: со секое ново позајмување капитал растат каматите.

default

Грчката влада планира да го санира буџетот преку строг курс на штедење. Критичарите меѓутоа се сомневаат дека тоа ќе успее без помош од надвор. Зад планината долгови се крие темпирана бомба: со секое ново позајмување капитал растат каматите, кои го зголемуваат товарот.

Грција во моментов е најпроблематичното дете на еврозоната, гласи заклучокот на земјите со заедничка европска валута. Откако новото задолжување минатата година достигна речиси 13 проценти од брутонационалниот производ, како што мораше да признае новоизбраната социјалдемократска влада во Атина, во Брисел и во Берлин се крена тревога. Продолжените лажирања на статистиката во Грција се само еден проблем, многу посериозно е тоа што во прашање се доведува и стабилноста на целата еврозона.

Сега на партнерите на Грција им се одмаздува тоа што порано не внимавале подобро, вели Јирген Штарк, германски претставник во раководството на Европската централна банка: „Ако се погледнат зголемувањата на платите во јавните служби во Грција, според податоците на ОЕЦД, меѓу 1999 и 2008 година тие се зголемени за преку сто проценти.“

Не треба да се биде стручњак за да се процени влијанието на ова зголемување врз јавните финансии.


Проблем со високите камати

Грција се‘ уште може да дојде до кредити на финансиските пазари и може да ги врати старите долгови преку нови позајмици. Но, веќе сега мора да плаќа повисоки камати отколку на пример Германија, иако двете и’ припаѓаат на еврозоната. Хајнер Фласбек, кој во времето на Оскар Лафонтен беше државен секретар во германското министерство за финансии, затоа пледира за заеднички европозајмици, кои на Грците краткорочно можат да им бидат од помош.

Symbolbild Griechenland Finanzkrise

И Жан Клод Јункер, луксембуршкиот премиер и претседател на Еврогрупата, веќе предложи заеднички позајмици од одделни евроземји. Но, германската влада стравува дека со тоа ќе страдаат германските даночни обврзници. Зашто, поради недоволната кредитоспособност на Грција, за ваквите збирни позајмици ќе има повисоки камати, па Германија ќе биде оптоварена со поголем каматен товар отколку досега.

Но, германската влада нема да ја остави Грција на цедило, смета професор Ансгар Белке од германскиот Институт за економски истражувања, кој очекува: „Дека ќе бидат одобрени билатерални кредити поврзани со строги критериуми за санација.“

И самата дискусија му штети на еврото

Ако Грција и другите земји на кои им се заканува банкрот ги запрат отплатите на основните долгови, се заканува уште поголема загуба. Тие им должат на германските банки и фирми суми во висина од неколку стотини милијарди евра. Тоа е премногу за овие земји од регионот на Средоземното море да бидат оставени на цедило, иако меѓусебната помош во рамките на валутната унија всушност не е обврзувачка, као што објаснува Јирген Штарк од Европската централна банка: „Ниту европската заедница, ниту одделни членки гарантираат за обврските на други земји во рамките на еврозоната или во ЕУ. Тоа е важно основно начело.“

Но, дури Грција и да не банкротира, самата дискусија му нанесува огромни штети на еврото. Во 12-та година од постоењето, зоната на заедничката валута се наоѓа во сериозна криза.

Автор: Петер Хајлбрунер/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска