1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грција: Демократијата во шок

Убиството на еден левичарски активист ја потресе Грција и предизвика контра-реакции. Владата најавува дека нема повеќе да го толерира теророт на десните екстремисти. Аналитичарите се скептични.

Дали десните радикали на про-фашистичката Златна зора повторно беа инволвирани? Партијата ги отфрла обвинувањата и се заканува со тужби против секој кој мисли поинаку. Но, доказите сѐ појасно укажуваат дека на убиството на левичарскиот активист во работничкиот кварт Керацини во Атина, десните радикали во најмала рака гледале со одобрување.

Жртвата е Павлос Фисас, еден од најпознатите хип-хоп музичари на атинаската сцена и левичарски активист, кој во вторникот го следел дуелот од фудбалската Лига на шампионите меѓу Олимпијакос и ПСЖ во едно кафуле. Од неразјаснети причини дошло до расправија со други посетители во кафулето, а друштвото на Фисас било нападнато од околу 15 припадници на Златна зора. Според очевидци, нешто подоцна во кафулето се појавило едно 45-годишно лице кое го прободело Фисас со нож. Се претпоставува дека тој бил повикан преку мобилен телефон од другите членови на Златна зора со задача токму да го убие Фисас.

Непозната криминална енергија

Целиот случај покажува една зголемена, досега непозната криминална енергија, вели поранешниот потпретседател на грчкото здружение на судии, Константинос Логотетис.

„Во убиството нема никаква случајност, тука не се работи за афект, туку за намера да се убие. Овде постои криминална енергија и обука, како и волја да се изврши убиство. Значи се работи за едно криминално дело кое е организирано во детаљ“, вели Логотетис.

Убиството во Керацини е врвот на серијата политички мотивирани насилства кои се во пораст во Грција. Во петокот на 13 септември во тепачка меѓу десни радикали и активисти на левицата повредени беа осум лица. За време на викендот десните радикали нападнаа една комеморација за жртвите од Граѓанската војна во Грција. Нешто подоцна, шефот на десно-популистичката партија „Независни Грци“ Панос Каменос за време на еден партиски митинг во северна Грција ги повика своите симпатизери да го „линчуваат“ градоначалникот- социјалист.

Tassos Kokkinidis / Politikwissenschaftler / Griechenland

Тасос Кокинидис

Во разговор за ДВ, политичкиот аналитичар Тасос Кокинидис говори за поларизација на политичката сцена во земјата. „Политичките партии во Грција единствено го штитат својот краткорочен интерес“, вели тој. За политичарите е многу поважно да се конфронтираат, отколку да изработат една заедничка стратегија за борба против десниот радикализам. Притоа секому треба да му биде јасно дека Златна зора е криминална организација, заклучува политикологот Кокиндис.

По убиството во Керацини, конзервативниот министер за јавна безбедност Никос Дендиас ја откажа посетата на Рим и лично пред камерите се обидуваше да ги смири граѓаните и да најави поостра политика: владата нема да остане нема на насилството и ќе ги заостри казните за криминално здружување, вети Дендиас. Но исто толку важно ќе биде сите политички сили во земјата да се обединат во борбата против појавата на фашизам и политички мотивирано насилство, дополни министерот.

Аналитичарот Кокинидис се сомнева дека овој апел ќе вроди со плод. Левичарската партија Сириза, во моментов втора политичка сила во Грција, веќе го отфрли повикот за заедничка соработка, и индиректно ја обвини владата дека е виновна за порастот на насилството. Кокинидис прогнозира дека по убиството на Фисас, насилството во иднина ќе ескалира. „Веќе денеска низ социјалните медиуми се шират повици за одмазда и големи демонстрации против Златна зора“, вели Кокинидис.

Политичките средства веќе не се доволни

Griechenland Ausschreitungen bei Protesten in Keratsini - Athen

Протести во Керацини по убиството на Фисас

Неговите прогнози веќе се исполнуваат. Во средата вечер, во близина на местото на убиството на Фисас беа организирани демонстрации на антифашистичкото движење кои во текот на ноќта прераснаа во судири со полицијата. Имаше и голем број повредени. Меѓу нив е и десниот популист Каменос, кој изненадувачки се појави на протестите, но беше нападнат од демонстрантите и повреден.

Веќе подолго време Советот на Европа бара забрана на Златна зора. Во меѓувреме, според информации во грчките медиуми, за ова размислува и владата во Атина. Повеќе не е доволно да се борите против десните радикали со политички средства, смета главниот уредник на весникот „Катимерини“ Никос Ксидакис.

„Демократијата значи слобода и толеранција за сите, но не и заа оние кои сакаат да ја уништат нашата демократија. Досега овие луѓе профитираа од демократската толеранција. Сега е време да ја почувствуваат челичната рака на демократијата“, изјави Ксидакис.