1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Грција да ја ратификува конвенцијата за заштита на малцинствата“

Комесарот за човекови права Томас Хамарберг испрати писма до неколку грчки министри во кои посакува Грција целосно да ги спроведува пресудите на Судот за човекови права.

default

Томас Хамарберг

Веднаш по завршувањето на посетата на Грција, од 8 до 10 февруари годинава, Комесарот за човекови права на Советот на Европа Томас Хамарберг стави акцент врз потребата грчките власти „да се покажат почувствителни на разноликоста којашто постои во грчкото општество и да преземат нови мерки за да им се дозволи на малцинските групи да го изразат идентитетот за кој се определуват, односно така како што тие самите себе се идентификуваат“.

„Грција признава само едно малцинство, тоа е муслиманското малцинство во Западна Тракија. Други малцинства официјално не се признати. Затоа препорачувам ратификација на важните документи на Советот на Европа, како Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, што таа ја потпиша во 1999 година“, изјави за Дојче веле комесарот Томас Хамарберг.

Тој се надева дека новата грчка влада на премиерот Папандреу, како што тој вети при посетата во Стразбур, ќе има нов позитивен пристап кон овие прашања. Се разбира, во моментов излезот од економската криза е нивниот главен приоритет, но европскиот комесар за човекови права

PK Thomas Hammarberg im Nordkaukasus

Хамарберг очекува спроведување на неговите препораки

се надева дека грчката владата ќе започне сериозно да работи на ова по излезот од економската криза.

Што очекува Хамарберг?

Околу содржината на писмата што ги упати до Харис Кастанидис министерот за правда, транспарентност и човекови права, Теодора Цакри, заменик министер за внатрешни работи, задолжена за децентрализација и локална самоуправа и Михалис Хризохоидис, министер за заштита на граѓаните на Грција и нивните одговори, Хамарберг вели:

„Очекувам спроведување на моите препораки и поточно одговор на министерот за правда, кои се однесуваат на целосното и потполно спроведување на пресудите на Судот за човекови права од Стразбур, во однос на правото за слободно здружување на припадниците на националните малцинства, како и нивното преточување во домашниот правосуден систем на Грција.“

Томас Хамарберг не знае да каже дали Грција наскоро ќе ги задоволи неговите барања и препораки. Меѓу нив е и препораката за олеснување на процедурите за враќање на одземените државјанства на поранешните грчки државјани, меѓу кои многумина се со македонско етничко потекло - бегалци од граѓанската војна од Грција.

„Не знам, се надевам, се‘ зависи од политичката агенда во моментов и дијалогот околу правата на малцинствата и проблемот со имигрантите и бегалците.“

Во писмата што Хамарберг ги испрати до грчките министри, тој се осврнува и на мерките со кои грчките власти треба да ја подобрат ситуацијата на бегалците и имигрантите, Ромите и однесувањето на полицијата.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM