1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Грција: Гнили кредити меѓу пријатели

Поранешниот шеф на грчката Поштенска банка е обвинет дека на пријатели бизнис-партнери им одобрувал милионски заеми по поволни кондиции. Се проценува дека притоа била направена штета од 400 милиони евра.

Размерите на аферата сѐ уште не може да се согледаат. Според државното обвинителство од Атина, поранешниот член на управниот одбор на поранешниот државен кредитен институт Хеленик Постбанк, Ангелос Филипидис, до 2010 година одобрил кредити на повеќе претприемачи, кои доколку биде спроведена серизона проверка на бонитетот, не би биле одржливи. На даночните обврзници со тоа им била нанесена штета од повеќе од 400 милиони евра. Освен тоа, Филипидис за посредување на тие кредити добил поткуп и парите ги депонирал на сметки во странство.

Во моментов се спроведува истрага против 39 лица за кои постои сомневање за вмешаност во аферата со грчката Поштенска банка. Двајца поранешни вицедиректори на банката веќе се уапсени во Атина. Филипидис е уапсен во Истанбул, со што се потхранија гласините дека тој депонирал значителна сума во турските банки. Освен тоа, државното обвинителство претпоставува дека постојат тајни сметки во Црна Гора и во Швајцарија.

„Доделувањето на кредити за претпријатијата започна со Филипидис во 2008 година и беше спротивно на вообичаената деловна пракса на Постбанк, која дотогаш агираше како мала штедилница“, појаснува економскиот аналитичар Панајотис Бусбурелис. Имено, таквата нова ориентација во бизнисот со клиентите не е противправна, меѓутоа грчката Централна банка во последните години не предупредуваше без причина од високите бизнис ризици за Поштенската банка. Нејзините предупредувања очигледно беа попусти, критикува Бусбурелис.

Обвинувања на сметка на спасувачите на банките и претпријатијата

Но не само поради непокриените кредити банката по приватизацијата мораше да биде спасена од банкрот со пет милијарди евра од грчкиот фонд за спас на банките. Тоа што шефицата на Фондот, Анастасија Сакелариу, пред две години беше на водечка позиција во Постбанката, не ја олеснува правната разврска. Министерот за финансии Јанис Стурнарас меѓутоа и го зајакна грбот на својата соработничка: Тој имал целосна доверба во правниот систем и исто така во г-ѓа Сакелариу.

Внимание предизвика тужбата против претприемачот за осигурувања и медиумски могул Димитрис Кондоминас. Тој се смета за еден од најуспешните претприемачи во Грција и си направи име и во Германија, кога во 2008 година ја продаде неговата медумска групација Алфа Медија Груп за 125,7 милиони евра на РТЛ (и во 2012 година на изнендување повторно го откупи својот удел).

Една важна точка од обвинението против погодените било и ненаменско користење на заемот појаснува Бусбурелис. „Земете го Кондоминас: Тој е обвинет дека со парите од кредитот се обогатил лично и меѓу другото, купил и куќа за ќерка му“, вели економскиот аналитичар од Атина.

Испреплетеност меѓу политиката и економијата

Кондоминас ги негира обвинувањата. Неговите соработници за медиумите појаснуваа дека сите кредити биле вратени согласно спогодбата. Факт е дека конечен доказ за проневера на парите нема. Меѓутоа, постои претпоставка дека сите големи клиенти на Постбанк ги депонирале добиените пари од кредитите на тајни сметки или во офшор фирми во целиот свет и притоа мислеле дека се безбедни оти располагале со добри политички контакти.

Претесна испреплетеност меѓу економијата и политиката во Грција не е ништо ново, појаснува политичкиот новинар и поранешен портпарол Димитрис Циодрас. И во минатото имало случаи, кога претпријатија добивале државни пари под поволни услови или со мито да можат да се склучат добри зделки со државата, нагласува тој. „Не смееме да заборавиме: Постбанк беше државна банка, нејзиното раководство беше определено од владејачката партија“.

На испреплетеност на партиската политика со државната администрација укажува и Бусбурелис: Спорниот шеф на Постбанк Филипидс беше лично избран од поранешниот конзервативен премиер Костас Караманлис. Дури по смената на владата во 2009 година Филипидис беше заменет - и тоа токму од Клеон Пападополу, пријател на новоизбраниот социјалистички премиер Јоргос Папандреу, појаснува Бусбурелис.

Атинската левичарска опозиција, која во последните анкети има предност пред владејачките конзервативци, очигледно сака да ја искористи аферата со Поштенската банка за политички цели. Шефот на опозицијата Алексис Ципрас говори за „триаголник на корупцијата“ меѓу големите претпријатија, банките и политичките партии, кои меѓусебе си разменуваат услуги.

„Опозицијата на столбот на срамот не ја става само Постбанк, туку и Земјоделската банка на Грција (АТЕ). Нејзе ѝ се префрлува дека дозволила подарени заеми, како на конзервативната, така и на социјалистичката партија. Заемите се навистина подарени - со самото тоа, бидејќи банката прифати идни приходи на финансирање на партиите како гаранција за кредит, иако нивната исплата воопшто не е сигурна“, вели политичкиот новинар Циодрас.

Кон ова се надополнува и тоа што и во некогаш државната Земјоделска банка директорот го одредува владејачката партија.